Замката на двоумењето: Зошто ги одложуваме работите што знаеме дека треба да ги направиме?

Понекогаш точно знаеме што треба да направиме (и готови сме!), а сепак некако успеваме да го одложиме моментот на дејствување. Пораката е напишана, ама ја читаме уште еднаш. Одлуката е донесена, ама одеднаш ни се чини дека треба дополнително да размислиме. Проектот е готов, но решаваме да провериме што прават другите. На крајот си ветуваме дека ќе го направиме тоа утре, кога околностите ќе бидат поповолни.

И утре, најчесто, се повторува истото.

Во текст за Elephant Journal, авторката Пола Имо го опишува овој образец како „замка на двоумењето“ (hesitation loop). Се работи за состојба во која постојано се навраќаме на веќе донесена одлука, не затоа што ни недостигаат информации, туку затоа што самото нејзино спроведување предизвикува непријатност.

Особено често се појавува во ситуации кога треба да се изложиме на туѓа проценка: да испратиме важен предлог, да побараме покачување, да објавиме нешто лично, да поставиме граница или јавно да застанеме зад сопственото мислење. Во таквите моменти можноста за критика, одбивање или неуспех може да предизвика чувство на закана, дури и кога реалниот ризик е релативно мал.

Интересно е што двоумењето ретко го препознаваме како страв. Напротив, тоа често изгледа како одговорност, претпазливост или темелна подготовка. Си поставуваме разумни прашања, бараме дополнителни аргументи и ги преиспитуваме деталите. Но ако секое ново размислување нè враќа на истата точка, без да донесе нови сознанија, можеби веќе не станува збор за анализа, туку за избегнување. Според Имо, ваквиот образец може да биде особено упорен кај способни, самосвесни луѓе, затоа што токму нивната способност внимателно да ги согледуваат можните исходи им овозможува да пронајдат убедливи оправдувања за одложувањето. Колку подобро умееме да ги предвидиме проблемите, толку полесно можеме да се убедиме дека сè уште не сме спремни.

Со текот на времето, двоумењето може да стане навика. Секогаш кога ќе избегнеме непријатна ситуација, чувствуваме моментално олеснување, што пак го зацврстува однесувањето, па следниот пат уште полесно посегнуваме по одложувањето. Така се создава круг во кој краткорочниот мир постепено ја поткопува нашата способност да дејствуваме.

Како да се прекине?

Авторката предлага едноставен пристап: најпрво да го препознаеме моментот кога повторно почнуваме да се двоумиме. Потоа да се потсетиме на проценката што сме ја направиле пред да се појави несигурноста. Ако немаме нови информации што суштински ја менуваат ситуацијата, можеме да направиме еден мал, конкретен чекор во насоката што веќе сме ја избрале.

Тоа не значи дека секое двоумење треба да се игнорира. Понекогаш сомнежот е оправдан и нè предупредува на вистински проблем. Разликата е во тоа дали преиспитувањето ни помага да донесеме подобра одлука или само го одложува нејзиното спроведување. Најважната промена, според Имо, не е во стекнувањето поголема самодоверба, туку во развивањето способност да дејствуваме и кога не се чувствуваме сосема сигурни.

Самодовербата варира, зависно од расположението, искуствата и реакциите на околината. Способноста за дејствување, пак, се гради со повторување. Значи, само ни фали малку спремност да ѝ веруваме на одлуката што сме ја донеле.

4 ноември 2026 - 19:33