Жената што се омажи, па се разведе од дух

Не е фејк-њуз, ни Onion, треба да си талент за ова да го правиш, мртва озбилна.

Ете го и него.

Вака почнува оваа прекрасна приказна:

Аманда Спероу Тиг, 46-годишно чудо од Ирска запознава дух (!) на пират од 18-ти век, од Хаити со име Џек и одма знае дека е тоа љубов.

Дали можеби ова има врска со фактот што е опседната со Џек Спероу и во слободно време прави косплеј врзан со „Пиратите од Карибите”?

Срам да ви е што помисливте. Едноставно сте љубоморни, па одма таму ви иде паметот.

Не.

Нивната љубов станува толку незапирлива, што решаваат дека ќе ја крунисаат со брак.

За жал, денес разводот е честа појава како што ќе се пожали еден локален владика, па така и на оваа љубов и доаѓа крајот.

Но, прво: како се запознале?

Една вечер, Аманда (која дала 5433 фунти за да си го смени името во Спероу) чувствува присуство. Присуството е Џек Тиг (и презимето му го земала!), пират погубен заради пиратење во 1700-тите.

Наскоро развила „силни љубовни чувства” за Џек, за кој вели дека многу личи на Џек Спероу на Џони Деп. „Има темна кожа и црни очи, како што ми кажува,” објаснуваше таа, додека се сакаа.

Срам да ви е што пак ви текна дека ова е екстремен случај на опсесија со Џек Спероу на Џони Деп. Врска немате од животот.

Се разбира, на Аманда не ѝ било дојдено до авантура за една ноќ. „Му реков дека не ми е пријатно само повремено да имаме секс и дека сакам вистински да се обврземе еден со друг.” Така се прави! После се жалите дека немажени останавте!

Во јануари се венчаа на приватна церемонија во присуство на шаман и медиум кој ги кажуваше заветите наместо Џек. Дека нели, дух.

Сече торта, сече тор-та!

Аманда сака и да го сподели тоа со светот. Вели, „Многу луѓе има што не знаат дека постојат спиритуални врски, но тоа може да биде вистинското за нив. Би сакала да ја раширам поракава насекаде.”

За жал, како што известува Ајриш Мирор, Тиг ја сподели веста за крајот на нивниот брак на социјалните мрежи.

„Мислам дека е време да кажам на сите дека мојот брак заврши. Сè ќе објаснам кога ќе дојде време, но за сега само ќе кажам, бидете МНОГУ внимателни кога се закачате со спиритуалност, не е за шегување.”

Колку само време чекавме на ваков месија што ќе нè поучи како се прави! За жал, нема ни одблиску доволно книги на тема „Жените се од Венера, мажите се пиратски духови”, „Зошто духовите сакаат кучки” и „Зошто жените купуваат чевли, а мажите се присуство”. Може Аманда ќе ги напише (леле колку пари лежат во ова.)

Има уште.

Загрижена е дека Џек нема да сака да се разведе, па може ќе треба да вика егзорцист. Ова егзорцист не звучи лошо дури ни кога мажот ти е скроз жив и цреп, да си знаете.

24 декември 2018 - 14:28