Кери е модел со потекло од Бразил, а живее во Велика Британија. Во еден момент си ги шокираше следачите на социјалните мрежи кога објави слики од свадбената церемонија, но наместо да има младоженец и невеста, на сликите се појави сама.
Ова се викало сологамија и нејзиниот сологамен живот, Кери често го споделува со над 434.000 души. Го сподели и драматичниот развод кој излезе дека никако не можел да се избегне, без разлика што се потрудила да оди и на брачно советување.
По разводот, како што често бива, почна да објавува слики од теретана, со изјави дека работи на себе, за да стане „подобра“.
„Сфатив дека себеанализата и рефлексијата се суштински,“ вели таа. „Круцијално е да се препознае кога треба да се стави крај на еден циклус. Дури и обврската кон себе доаѓа со предизвици, како на пример справување со очекувањата дека треба нонстоп да бидеш совршена за себе. Сфатив дека си вршам голем притисок и дека понекогаш тоа ме истоштува. Разбрав дека дури и во брак со себеси, важно е да се прифатат сите несовршености.“
Проблемите во бракот почнале за неполна година од среќниот ден. Сега веќе споделува дека е спремна за врска со нов човек.
Кога ќе се тргне желбата за внимание и општата глупост околу целава работа - сепак се работи за процес на личен развој и договор со себе.
Сепак, интернетот е една чудна, чудна работа.