Зад играта „Bloody Mary“ има научно објаснување

Многу е можно како деца да сте се предизвикувале кој ќе оди во тоалет со свеќа и три пати ќе каже Bloody Mary во огледало, само затоа што имало тинејџерски хорор каде што еднакво глупи деца го правеле истото.

Во хоророт се разбира, има ефект. Или тоа, или сценариото е малку помудро, па ја користи сцената да направи страшно, ама истовремено и да нè опушти дека „врска нема“, за на крај да нè истреска од земја.

Легендата има добиено и нозе низ годините, па различни жени од историјата се поврзуваат со „Крвава Мери“. Една варијанта е дека се работи за вештерка, Мери Ворт, за која „се дознало“ дека користи млади и деца за да ја одржи својата младост. Ја запалиле, а од мистериозни причини, душата ѝ се заробила во огледало. Од таму, Мери Ворт многу сака да доаѓа на пижама-парти и да плаши деца ако случајно на огледалото му кажат „Верувам во Мери Ворт“.

Друга варијанта е дека се работи за Мери I, кралица на Англија од династијата на Тудорите која ја викале крвава поради невообичаено големиот број на абортуси и тенденцијата често да бара егзекуции. На неа, во огледалото треба да ѝ кажеш „Јас ти го украдов бебето“.

Трета варијанта, е уствари блага варијанта на првата - овој пат се вика Мери Вортинг, на која убавината ѝ била одземена од ужасна несреќа и се самоубила.

Има и Ханако-сан во Јапонија, што се крие во тоалети.

Во 1700-те ги улавеле и девојчињата дека ако седнат пред огледало, изедат јаболко, држат свеќа и се чешлаат, ќе го видат одразот на идниот сопруг.

Но, да се вратиме на Bloody Mary, која овозможи неколку филмови баш за неа и неброени пропратни сцени во други филмови. Што кога некој тврди дека „стварно нешто видел“ во огледалото? Стварно нешто мрдало? Стварно излегла?

Науката вели дека не секоја халуцинација бара халуциногени средства. Самиот чин на зјапање во огледало во слабо осветлена просторија, на подолг период е доволен за да „се случи нешто“. За ова имало и експерименти во контролирана средина, направени од психоолзи и објаснувањето е дека - во основа, нашиот мозок, поради недостаток на информации, почнува да создава свои, предизвикувајќи структурата на лицето во одразот да се топи, дури и да се појавуваат нешта што не се таму. Овие халуцинации можат да варираат од познати, до застрашувачки.

Вртењето во круг (како што се правилата во некои предизвици за повикување на Bloody Mary) уште повеќе придонесува кон феноменот.

На крај, излегува дека играта функционира, само што не е Bloody Mary тоа што го гледаат.

24 октомври 2024 - 11:06