Вистинската љубовна приказна на Мери Остин и Фреди Меркјури

Кога прв пат ја запознал, имал 24, а таа 19 и во тој момент ни тој, ни таа не можеле да замислат каква иднина ги чека.

„Сите мои љубовници ме прашувале зошто не можат да ја заменат Мери, но едноставно е невозможно,“ има кажано Фреди. „Единствениот пријател што го имам е Мери и не сакам никој друг. За мене таа беше законска жена. Мене тоа ми беше брак.“

Кога почина Фреди на 45-годишна возраст во 1991, од бронхопневмонија предизвикана од СИДА, Остин била покрај него, како што била и поголемиот дел од животот. Во еден момент ја имал и запросено, а во наследство ѝ оставил половина од неговиот имот вреден 75 милиони долари, заедно со куќата со 28 соби во Лондон каде што Остин живее до ден-денес.

Уште е жива, има 73 години и живее надвор од очите на јавноста. Повремено живееле заедно во текот на тие дваесеттина години додека Фреди бил популарен,  а се запознале во 1969, една година пред да ги формира Квин. Се сретнале додека таа работела во модерната продавница за облека во Лондон - Биба, а тој со штотуку завршен уметнички колеџ работел во бутик во Кенсингтон. Таа се вљубила во него и наскоро станале пар, без разлика на тоа што подоцна ќе излезе неговата реална сексуална ориентација. Ја запросил со прстен од жад и не ѝ се верувало.

Песната Love of My Life е за неа, но сепак, приватно почнале проблемите за кратко, од очигледни причини. Остин почнала да се чувствува како товар и тоа му го кажала на Фреди. Прво се сомневала дека се гледа со друга жена, но во 1976 ѝ открил што е проблемот.

„Никогаш нема да заборавам,“ има изјавено Остин за Дејли Мејл. „Бев малку наивна, ми требаше време да сфатам што е вистината. Потоа му беше мило што конечно ми кажа дека е бисексуалец. Иако сеќавам дека му реков, не, Фреди. Мислам дека си геј.

Ова откритие става крај на нивниот физички однос и Мери Остин се сели во стан во близина, но останува во најблискиот круг на Фреди Меркјури. Патувала со нив, седела во бекстејџ на концерти сѐ до доцните ‘70-ти кога веќе не биле ни пар.

Била сведок на неговиот луксузен живот како рок-ѕвезда, разуздан поради проблеми со алкохол и дрога, сведок на неговите бројни врски, додека таа продолжила со животот и родила две деца со сликарот Пирс Камерон, со кој никогаш се нема омажено.

Останала константа во животот на Фреди и кога ја добил дијагнозата за ХИВ, го поддржала. Сакал да биде покрај него кога се разболел и ѝ оставил наследство како да остава вдовица. Била таму и пред парите и пред славата, а останала до самиот крај.

И по крајот - освен што го испочитувала дека сакал болеста да ја држи во тајност, ја исполнила и неговата желба да ја чува локацијата на неговата пепел во тајност. Почекала две години, па ја преместила на непозната локација.

„Не сакаше некој да проба да го откопува, како што се случуваше со некои други славни луѓе,“ вели Остин. „Фановите знаат многу да се опседнат. Сакаше тоа да остане тајна и така ќе остане.“

20 мај 2024 - 08:26