Покрај сите што прописно го исплакаа, се појавија неколку што искористија прилика да го наметнат својот наратив за неколку политички/општествени прашања. Се спомнаа по милионити пат луѓе со прекумерна тежина и бегалци. Меѓу овие реакции беа, на пример дека е ксенофобичен и нетолерантен кон било што освен слаби манекенки. Луѓето обожаваат на човек со контроверзни мислења да пробуваат да му пркосат.
Она што сигурно ги разочарува хејтерите е дека никако не им оди да кажат дека е глуп и неспособен. Би сакале некако да можат, ама Лагерфелд остава толку многу зад себе што останува само да се вика „Да, ама…” Ама колку сочувство и внимателност може да се очекува од човек што на шестгодишна возраст сака да ѝ раскаже на мајка му приказна, а оваа го пречекува со следното:
„Види, ти имаш 6 години, ама јас немам. Ако сакаш да разговараш со мене, потруди се.”
Жустин Леконт (онаа што нè учеше за модна капсула) споделува неколку факти и забавни детали, како на пример вечната споредба со Ив Сан Лоран (Лагерфелд може раат да стане модна икона дури откако Сан Лоран ќе умре), а кога сме веќе кај „модна икона”, токму Лагерфелд е одговорен за можноста дизајнерите да се доведат до еден суперстар статус, еднаков на рок-ѕвезда. Во моментот кога станува креативен директор на Шанел, го враќа на нозе, го прави логото и го креира митот за Коко Шанел, што денес вреди многу повеќе отколку што вредел пред Карл да му влезе. Бил неверојатен моден илустратор, способен за повеќе стилови за цртање, сите од нив препознатливи, а од моментот кога еден фотограф никако да му го направи ќеифот при сесија, решава да ги земе работите во свои раце, па така дознаваме дека е и мајстор за модна фотографија.
Не за џабе се слушаат пискотници од Париз до Берлин.
Индустријата изгуби џин.