Трендот е: Слушалки со жица

Без разлика дали можете да си дозволите безжични и дали даваат поквалитетен звук - славни личности кои важат и за модни примери што треба да се следат си тераат со жицата и не се замараат многу со технологија.

Кога Леброн Џејмс се појави на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година со слушалки Beats by Dre околу вратот, брендот за кратко време стана глобален феномен. Речиси две децении подоцна, сцената изгледа поинаку: жичените слушалки повторно висат од ушите на НБА ѕвезди како Ентони Едвардс и Стеф Кари, но и на бројни други јавни личности.

Враќањето не е ограничено само на спортот: Дрејк, Лили-Роуз Деп, Хари Стајлс и Зендеја се меѓу славните имиња кои се откажуваат од блутут и повторно го прифаќаат кабелот. „Едноставно ги сакам старите, со приклучок,“ изјави Ема Вотсон за Вог уште во 2023 година, а на Јутјуб каналот на Вог со белите кабелчиња се прошетаа Дуа Липа и Аријана Гранде. Декемвриската насловна приказна на Њујорк Магазин дополнително го запечати трендот, каде што Бен Стилер и кошаркарот Карл-Ентони Таунс делат жичени слушалки во метрото.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by WIREDITGIRLS (@wireditgirls)

Зад ова враќање стои и дигиталната култура на социјалните мрежи. Инстаграм-профилот Wired It Girls, основан во 2021 година од Шелби Хал, стана неофицијален хроничар на трендот. Хал ја започнала страницата инспирирана од текст за изборот на Бела Хадид, која со години носи жичени слушалки и покрај тоа што може да си дозволи најнови безжични модели. Според Хал, токму таа рамнодушност кон скапите технолошки новитети создава впечаток на лајт естетика - без напор и без потреба од докажување.

Дополнителен фактор е и пристапноста. Жичените слушалки на Епл чинат околу 25 долари, додека најновите ерПодс почнуваат од повеќе од 150 долари и одат и до неколку стотици за макс верзиите. Во тој контекст, кабелот станува симбол на стил што не бара голем буџет, а сепак носи културна тежина.

Во спортот, особено во НБА, модата одамна е дел од идентитетот. Тунелите на арените се претворија во импровизирани писти, каде играчите ги покажуваат своите внимателно избрани комбинации. Според Чад Браун, основач на популарниот профил NBA Fashion Fits, сè што се случува во културата неизбежно се одразува и таму. Жичените слушалки се дел од таа естетика - додаток што ја комплетира сликата.

Сепак, не се работи само за стил. Некои играчи отворено зборуваат и за практичните предности. Маркус Смарт од Лос Анџелес Лејкерс неодамна истакна дека безжичните слушалки често знаат да се исклучат, да паднат или да останат без батерија. За жичените, таквите проблеми едноставно не постојат.

Под површината на трендот, сепак, се крие поширока културна промена. Иако безжичните слушалки и понатаму доминираат на пазарот, со околу две третини од продажбата во 2025 година, расте интересот за аналогни животи. Младите генерации, особено миленијалците и Ген З, сè почесто бараат опипливи, едноставни искуства како противтежа на светот преполн со алгоритми, вештачка интелигенција и постојана онлајн поврзаност.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by WIREDITGIRLS (@wireditgirls)

Од плетење и филм-камери до „паметни“ глупави телефони со ограничени функции, желбата за намалување на дигиталната зависност е сè поочигледна. Во тој контекст, жичените слушалки стануваат повеќе од моден детаљ: стануваат симбол на носталгија и на потреба за нешто реално, физичко и едноставно.

Како што вели и Шелби Хал, луѓето не сакаат целосно да се откажат од технологијата, туку да најдат рамнотежа. Телефонот може да биде сè во едно, но кабелот - како и ВХС и ДВД потсетува на време кога работите биле попрости.

Токму таа едноставност е повторно во мода.

2 февруари 2026 - 10:19