Толпата оперирана од хумор ја закачи и Џенифер Анистон

Објавила слика од лампион на кој пишува „Нашата прва пандемија“.

Веројатно не би ви текнало дека еден лампион може да биде предмет на контроверзи, ама тоа значи дека ја потценувате моќта на денешниот интернет. Најновата мета на освестените е Џенифер Анистон, затоа што на Инстаграм-стори сподели лампион со „Нашата прва пандемија 2020“.

Не дека е тоа најдобрата порака што може да се напише на лампион, ама дали е совршена за предизвикување на оној онлајн гнев кој ни стана секојдневие?

Апсолутно.

Се изредија со коментари како „Ако си селебрити, не значи дека немаш одговорност“, или „Бесчувствително!“ или „Како мислиш ‘прва’? Се надеваш на уште некоја?“

Ова додека не почнаа да се јавуваат и пристојни луѓе, со „Ако сериозно ви пречи лампионот, тогаш сте сериозно оперирани од хумор.“

Излегува дека лампионите се продаваат масовно во Америка и дека луѓето на мајтап ги подаруваат на колеги и роднини, како што раскажуваат луѓе во твитови и риплаи.

Но, со оглед на тоа какви сѐ глупости направија славните во 2020, како на пример Imagine, на почетокот на пандемијава, или собирањето на масовни журки без маски, или оние жални инфлуенсери што не ни пееја, или сѐ што се случи во цела оваа 2020 што како да траеше 10 години - една непотребна реакција на еден полусмешен лампион само ни покажува во какво излудено време живееме и со какви изместени вредности си имаме работа.

28 декември 2020 - 11:10