Толку од кокосовото масло?

„Чист отров.” Така заклучува професорка од Харвард, д-р Карин Микелс во едно свое предавања со наслов: „Кокосово масло и други грешки во исхраната” и има милион прегледи на Јутјуб. Значи тоа е. Супер-храната што ја величавме како Свет грал на здравје, убавина и добросостојба - падна.

Ова се разбира не е ништо ново. Преплавени беа сите списанија, портали, Јутјуб видеа и се што можеше да најде публика со совети за употреба на сите полиња, книги излегоа, сите се качија на возот. Го ставаа во рецепти, во кафе, го фалеа дека го забрзува метаболизмот и го зајакнува имунитетот.

Но, не.

Микелс го коментира како отров врз основа на високите количини заситени масти, кои го креваат нивото на холестерол, а со тоа и ризикот од срцеви болести. Што значи „една лажичка кокосово масло на ден за општо здравје” пропаѓа. И ова е поддржано и од едно истражување од Британската фондација за исхрана направено во 2016-та: „Затоа што кокосовото масло го крева нивото на лошиот холестерол кој е причина за кардио-васкуларни болести, советуваме да не се употребува.”

На готвачите ширум светот им олеснува, затоа што им е преку глава гостите да им бараат тестенини со кокосово наместо маслиново масло.

Што станува со другите употреби? Сајтот на Гвинет Палтроу го хвалоспева кокосот за се што може да ти падне на памет, од мачкање тело, до отстранување шминка до користење како лубрикант за време на секс.

И тоа е точно, одлично отстранува шминка, плус - евтино е, брзо е и мириса на Баунти. Наместо крем за лице? Можеби, ако имаш ситни пори и лице што не е склоно на акни.

А како лубрикант, не морате.

Којзнае дали е ова заговор да се уништи индустријата за кокосово масло, за да не пропаднат останатите, или едноставно стварно претеравме со оваа мода. Во секој случај, фино би било да не се претерува.

20 февруари 2019 - 14:10