Токсична убавина: Нов филм за штетните ефекти од производите што ги сакаме

Филмот е на Филис Елис и Сара Џеј, а ни дава увид во еден сè посмртоносен, а сепак нерегулиран проблем.

Документарецот се вика „Токсична убавина”, и зборува за прашањата околу недоволно добра регулација на тестирање на илјадници хемикалии што се наоѓаат во секојдневни производи што на тело и лице ги ставаме секој ден. Зборуваме, меѓу другото, за парабени и фталати, за кои е научно докажано дека нарушуваат хормони, што може да предизвика еден куп здравствени проблеми - прерано породување, проблеми со ендокриниот систем, труење со жива и рак на гради и јајници.

Премиерата му беше на 11-ти декември и комбинира истражувања од доктори и научници со различни сведоштва од група жени, меѓу кои и Мими Гуен, студентка по медицина на Бостонскиот универзитет. Има 24 години и порасната е во Калифорнија, со мајка што ја учела дека „девојчињата секогаш треба да бидат убави” затоа што „луѓето судат според изгледот”. Научила дека треба да се ставаат креми и средства за зашита од сонце на лицето за да се спречи стареењето и да се добие посветла кожа. Во овој наратив учествуваат и медиумите, како што се сеќава, со реклами и популарни фаци кои најчесто биле бели и се вклопувале во одреден калап на изглед.

„Никогаш не бев сосема задоволна од изгледот,” вели во филмот, додека се шминка. Има потрошено многу пари и време бркајќи идеали за убавина, користејќи вообичаена шминка, паралелно со други нормални и прифатени ствари од типот бланширање на косата и вештачки трепки.

Потоа, ѝ го мерат товарот што нејзиното тело го има претрпено од хемикалии што ги користела цел живот и резултатите се шокантни.

Потрошувачите се главно несвесни за влијанието што производот може да го има на нивните тела - Американската влада не е толку строга во однос на надгледување, а научниците не добиваат доволно поддршка за да го истражуваат тоа понатаму. „Ако секоја друга индустрија е регулирана, зошто тогаш нешто што го користиме 10 пати на ден не е регулирано? Нема никаква смисла. Идиотско е, и за неверување,” вели Елис.

Според филмот, ЕУ има забрането 1328 хемикалии, наспроти Америка која има забрането - 11 (со букви: единаесет). Покрај тоа, Европа се држи со „принцип на внимавање”, со кој состојките се докажува дека се безбедни пред да влезат во формула, а во Америка, производите се безбедни додека не се докаже спротивното. Ова значи дека производи за нега и убавина веднаш се ставаат на продажба без адекватно тестирање и многу малку се знае за нивниот долгорочен ефект.

Истовремено е алармантно со оглед на тоа што Генерацијата Z има специфичен однос со убавината - ја користат како форма на себеизразување, а не знаеме како употребата на сите тие производи ќе се одрази на нивниот живот понатаму. Научниците во филмот тврдат дека младите и бремените (сосе нивните фетуси) се на поголем ризик кога користат производи за убавина бидејќи телата им се развиваат. Ваква каква што е индустријата денес, производите се дизајнирани да ни привлечат внимание и да направат профит, терајќи ги потрошувачите да мислат дека им требаат работи што всушност може да им штетат.

Каде нè остава ова нас?

Да не знаеш дали да се радуваш дека си физички во Европа, или да се подзамислиш дека правно, баш и не си.

16 декември 2019 - 12:43