Темната страна на детското инфлуенсерство: Пајпер Рокел отвори ОнлиФанс

Пајпер Рокел, девојчето што достигна светска препознатливост со Јутјуб каналот кој ѝ го водеше мајка ѝ, е симбол за ризиците што ги носи прераната интернет слава. Сега, само што наполни 18, отвори ОнлиФанс и веднаш отвори дебата за експлоатацијата, границите и одговорноста во дигиталната култура на инфлуенсери.

Имаше милиони следачи пред да наполни десет години, а наполни 18 во август, 2025. Само четири месеци подоцна, на 31 декември, таа јавно почна одбројување до своето деби на ОнлиФанс, а на 1 јануари објави линк до профилот. За помалку од еден час подоцна сподели скриншот од заработка од, како што тврдеше, 2,3 милиони долари.

„Од прв ден! Засекогаш благодарна“, напиша таа на X.

Кариерата на Рокел започна кога имаше осум години, кога мајка ѝ, Тифани Смит ја лансираше на социјалните мрежи. До десет веќе беше центар на група млади инфлуенсери позната како Piper Rockelle and the Squad, а Смит и нејзиниот партнер Хантер Хил правеа повеќе видеа дневно - танци, вирални предизвици и, најконтроверзното - исценирани „романси“ меѓу деца.

Иако имаше бројни критики дека дел од содржините имаат сексуализиран тон, публиката и брендовите продолжија да доаѓаат. Во 2022 година, 11 поранешни членови на детското друштво поднесоа тужба против Смит и Хил, обвинувајќи ги за неплатен труд и злоупотреба. Во тужбата беа наведени и обвинувања за емоционално, вербално, физичко, а повремено и сексуално злоставување. Случајот беше решен вонсудски во 2024 година.

Во 2025, Нетфликс ја објави документарната серија Bad Influence: The Dark Side of Kidfluencing, која дополнително го насочи јавното внимание кон приказната на Рокел. Во серијата, поранешни членови и родители ја опишуваат како жртва на експлоатирачки систем, тврдејќи дека нејзиното физичко и ментално здравје било жртвувано за слава и кликови. Меѓу најтешките обвинувања беа тврдењата дека Смит испраќала носена (и неиспрана) долна облека од ќерка ѝ до возрасни мажи - што таа го негира - и дека инсистирала Пајпер да се прикаже во едно „предизвикувачко“ светло, иако малолетна.

Ни Пајпер, ни мајка ѝ не учествуваа во документарецот. Во интервју за Тин Вог во август 2025, Пајпер одби детално да зборува за обвинувањата. „Ова е мој живот веќе три години. Постојано ме прашуваат, но мислам дека никој не ги заслужува одговорите освен јас и моето семејство“, рече таа, додавајќи дека најважно ѝ е да може „мирно да спие ноќе“.

Сепак, нејзиното приклучување на ОнлиФанс предизвика нов бран реакции. Дел од корисниците на социјалните мрежи оценија дека платформата претставува продолжение на експлоатацијата од која, според нив, таа никогаш не била целосно заштитена. „Вознемирувачки е што луѓе следат детски јутјубери и го чекаат денот кога ќе отворат ОнлиФанс“, пишува еден корисник, а други посочуваат дека интересот за нејзиниот профил отвора непријатни прашања за публиката која ја следела уште како малолетна.

Пајпер Рокел, од друга страна, јавно ги отфрли критиките. Во изјава рече дека чекала да стане полнолетна и дека одлуката ја донела самостојно. „Ова беше за преземање контрола врз мојата содржина, моето тело и мојот приход“, изјави таа, додавајќи дека не бара одобрување, туку почит кон фактот дека повеќе не е дете.

И технички - така е, полнолетна е. Ама сепак, ние не се осмелуваме да ви споделиме фотографии од нејзиниот Инстаграм.

4 јануари 2026 - 21:35