Сте слушнале за Милена Павловиќ Барили?

Сликарка, поетеса и модна илустраторка што живеела меѓу светови - Балкан, Европа, Америка.

Родена e во Пожаревац во 1909, школувана во Белград и Минхен, а потоа преселена во Париз, Рим и Њујорк. Градела кариера во време кога уметноста сè уште ретко им припаѓала на жените - учевме и за женската верзија на Караваџо, за Розалба Кариера и за уште многу, и како и тие и Милена никогаш не барала дозвола да постои како уметница - постоела, со јасен стил и силен став, често преку деликатност наместо гласност.

Во нејзините портрети жените не се пасивни фигури, туку гледаат директно во нас, со самосвест што го нарушува очекуваниот ред. Во тие погледи често се препознава и самата Милена - внимателна, интелигентна, одмерена и секогаш присутна. Низ автопортретите како „Автопортрет со бела лента“ (1929), „Автопортрет“ (1933) и „Автопортрет со вел“ (1939), таа ги бележи различните верзии на себе: младата сликарка што штотуку ја освојува сцената, жената која станува своја, и уметницата која веќе точно знае како сака да биде видена.

Покрај сликарството, Милена оставила трага и во светот на модата - илустрирала за Вог и Харперс Базар и таму нејзиниот визуелен јазик останува препознатлив - суптилен и симболичен.

Починала млада, во 1945 година, во Њујорк, но зад себе оставила дело што ја надминува биографијата. Денес Милена Павловиќ Барили се смета за една од најзначајните уметници од овој регион, не само поради талентот, туку и поради ставот со кој се соочила во своето време. 

9 октомври 2025 - 10:02