Приказната за Јудита и Холоферн е приказна што има инспирирано многу уметност - Јудита била убава, млада вдовица која го има спасено Израел кога нејзиниот град бил под опсада на асирскиот крал Небухаднезар. После долга молитва, влегла во асирскиот логор, стекнала доверба кај генералот Холоферн, го завела, му дала премногу вино и му ја отсекла главата со неговиот меч.
Артемисија Џентилески ја носи верзијата на Караваџо подалеку и го покажува точниот момент на убиството, без да го поштеди гледачот од крвавите детали. Како воопшто успеала да наслика вакви дела во 17 век, кога на жените едвај им се давало да фатат четка?
Артемисија е родена во Рим, во 1593 година како ќерка на познатиот тоскански сликар Орацио Џентилески, чиј стил е под влијание на Караваџо. Жена му и мајка на Артемисија умира млада, Орацио останува сам со ќерка му и ја внесува во ателјето и ја учи да слика. Бил шокиран колку брзо Артемисија се снашла со цртање и сликање, дури и во споредба со чираците и синовите. Создавала професионални дела веќе до 15-годишна возраст, а до 19 тој го прогласил нејзиниот талент за „без конкуренција“.
Раните дела покажуваат талентиран уметник заинтересиран за класични теми. Најрана позната слика ѝ е Сузана и старешините, која е импресивна особено поради прикажувањето на женската форма. Ја насликала на 17, веројатно со помош на татко ѝ во организацијата на композицијата, а се претпоставува дека го набљудувала сопственото тело за да го долови телото на Сузана.
Сликата прикажува библиска приказна во која двајца постари мажи ја шпионираат младата Сузана, ѝ бараат сексуални услуги, па ја обвинуваат за прељуба кога ќе одбие (тогаш казниво со смрт). На крај, успева да си го избели образот, а приказната се користи за да се учи на скромност. И оваа приказна, за жал, е како претскажување за она што понатаму ќе го доживее Артемисија.
Имало и мрачна страна во тоа да си жена во свет што е главно движен од мажи. Во 1611, Артемисија ја силувал Агостино Таси, сликар што работел со татко ѝ. Потоа ветил дека ќе се ожени за нејзе, што било редовно решение за силувања во тоа време. Кога не се оженил ни по девет месеци, Орацио го однел пред суд. Сѐ уште има и записи од судењето и сведоштвото на Артемисија е страшно.
На денот кога се случило, имало уште една жена во куќата, Туција Медаља, која била потстанар и еден вид гувернанта на Артемисија (Орацио ја оставал со неа кога бил подолго отсутен). Но, Туција не направила ништо за да го спречи Таси, дури и намерно ги оставила сами и не дошла кога Артемисија викала по неа. За време на судењето, Артемисија ја мачеле со справа што ги притиска палците за да бидат сигурни дека ја кажува вистината (се верувало дека ако човек ја кажува истата работа и за време на мачење и без, ја кажува вистината). На крај, судијата ѝ поверувал и го обвинил Таси за силување, протерувајќи го од Рим на пет години. Орацио и ќерка му исто така го напуштиле градот, во обид да ги избегнат гласините што веќе се ширеле за нивното семејство.
Се преселиле во Фиренца и за да ѝ ја подобри репутацијата, Орацио ја ветил раката на Артемисија на сликарот Пјерантонио Стијатеси. Бракот бил без љубов, но имале разбирање - Артемисија го толерирала и имала други врски на страна. Набрзо доживеала успех, ја прифатиле како дворски сликар кај семејството Медичи и направила мрежа од водечките уметници и умови на тоа време. Почнала да открива и што најмногу и одговара, како на пример слики со Јудита - ликала различни сцени од приказната на Јудита во текот на нејзината кариера, истражувајќи различни теми. Јудита и слугинката на пример, покажува момент на сестринство, кога жените ја носат главата на тиранинот. Делото може да се смета и како израз на омразата што Артемисија ја чувствувала кон Туција и нејзиниот копнеж по женска солидарност.
Друг елемент од творештвото е женската сензуалност, прикажана преку Марија Магдалена во екстаза. Женските актови имаат една леснотија што може да дојде само со набљудување од прва рака, што ја покажува важноста на женската перпектива.
Можно е дури да разбирала и уметничко брендирање. Судењето ја направило популарна, што значи дека сцените со одмазда што ги сликала биле многу лесни за маркетинг. Била жртва, но и уметник со талент за бизнис - имала врски во Фиренца, се дружела со Микеланџело Буонароти помладиот (правнук на Микеланџело) кој ѝ платил да му наслика таван во палатата, и наводно ја платил три пати повеќе од било кој уметник што работел на проектот. Артемисија дури и се допишувала со Галилео Галилеи, што води до шпекулации дека неговите теории за проектилно движење влијаеле на начинот на кој прикажувала крв на сликите.
За цело ова време, Артемисија успева да роди пет деца, од кои две преживуваат до возрасни години, плус афера со благородникот Франческо Марија Маринги. Нејзиниот сопруг бил свесен за врската, но ја дозволувал поради богатството и статусот на Маринги. Дури се смета дека биле и пријатели, со оглед на тоа што има забелешки кои Стијатеси ги запишувал на љубовните писма што Артемисија му ги пишувала на Маринги.
Ги научила и децата да сликаат, и ќерките и синовите.
Наскоро се расчуло и за аферата низ Фиренца, па се вратила во Рим. А била популарна, па за кратко време добила клиенти, иако црквата сѐ уште била воздржана. По Рим, се сели во Венеција три години, па во Неапол - град кој тогаш сѐ уште пулсира со оставштината на Караваџо. Работела со војводата и со црквата и се мешала со други италијански мајстори. Во Неапол останала до крајот на нејзиниот живот (датумот не е познат), но се смета дека е кон средината на 1650-те, можеби за време на чумата во 1656.
Одново ја откриваат во 1970-те, кога феминистичката историчарка на уметност Линда Ноклин ја објавува статијата „Зошто нема големи уметници-жени?“
Таму ја користи Артемисија како пример со доволен талент, но поттисната од институции што сакале да ги исклучат жените. Ова доведува до зголемен интерес за Артемисија и продажба што крши рекорд на нејзината слика Лукреција на една аукција во Париз и ретроспектива во Националната галерија во 2019.
И време беше конечно и ние да научиме за неа.