Сте слушнале ли за Радиум девојките?

Така ги викаат девојчињата и жените кои несвесно ги имаат дадено своите животи, а на тој начин спасуваат илјадници.

На почетокот на минатиот век, компанијата Јунајтед Стејтс Радиум Компани за изработка на часовници ги охрабрувала младите работнички да ги лижат четкичките натопени во радиум за да ги изострат нивните врвови и со тоа да ја зголемат продуктивноста на часовниците кои светеле во мрак. Дури и кога дознале за опасноста по здравје, продолжиле со праксата, велејќи им на девојките дека „радиумот ќе им ги зарумени образите“ и дека ќе бидат и хероини, бидејќи е војна, па часовниците ќе помагаат во рововите. Платени биле добро, а работата не била тешка, па работеле и мали девојчиња. Требале да фарбаат бројчаници и сказалки на рачните часовници.

Иако Марија и Пјер Кири прв пат го идентификувале радиумот во 1898 година, а Марија успеала да го изолира во 1910, бојата од радиумот во 1917 била нов пронајдок. Мажите што работеле за ЈСРК носеле заштитни престилки, но девојките немале никаква заштита.

Заболувале од страшни карциноми, на неколку од нив им паднале и вилиците. Фотографиите се тешки за гледање, па нема да ги ставиме овде, можете ако сакате сами да ги видите тука и тука, предупредени сте. До 1927, повеќе од 50 жени умреле од последици на труење со радиумска боја. Ретки преживеале - последната жена по име Ме Кин починала во 2015, на 107 години. Во текот на животот се борела со различни здравствени проблеми: имала лоши заби, патела од мигрени и во два наврати заболела од рак.

Во тоа време компанијата пробала да го завлечка судскиот процес кој следел, во надеж дека сите девојки ќе умрат пред некоја да стигне да сведочи. На крај, банкротирале поради судските и медицинските трошоци.

Една ученичка од Отава одлучува да ангажира екипа да направи споменик на овие кутри девојки и после многу проблеми, во 2006 година успеала.

Сѐ што знаеме за влијанието на радијацијата на човечкото тело им го должиме ним.

21 август 2023 - 15:01