Сте размислиле ли да станете „morning person”?

Не е тоа само „станување рано”. Скоро сите стануваме рано, финтата е да бидеш меѓу оние луѓе што среќно стануваат. Ор Готам од Into The Gloss има нешто да каже на темата.

Спиењето е вреден комодитет. Го посакуваш со години. Повремено ќе ѕирнеш во него, во дози од по 5-6 саати. А ми требаа речиси три децении да сфатам дека не се крие спиењето од мене, туку јас го избегнувам. Во последниве три недели, успевам да спијам цели 8 часа и некако, во целиот тој процес станав еден од оние ранобудници.

Сè почна со еден долг работен ден. Обично навечер знам да поминам две минути бутајќи некоја вечера набрзина. После тоа, пуштам некоја серија, или некој од Јутјуб каналите со „направи-сам” видеа што ги следам. Потоа ги поминувам следните неколку саати посветено правејќи скриншотови од Инстаграмот на моите непријатели. И како што наближуваше 8, се запрашав: зошто се трудам да останам буден? Не е ова „Кошмар на улицата на брестовите”. Збунет, решив да си легнам. Триесет минути подоцна бев кома.

Следното утро, отворив очи пред алармот. Се чувствував супер. Полн со енергија. Се чувствував како што изгледаат рацете на Мишел Обама. Погледнав на саат: 4.30 сабајле. Цели осум саати сон! Несигурен околу следниот чекор и свеж, пуштам романтична комедија од 1997-ма, „Козметичарката и ѕверот”. Ги слушам птиците надвор и сфаќам дека е време за кофеин, па станувам, правам кафе и решавам крстозбор. Имав нешто што се вика фантастично утро и полека почнав да се спремам и да се средувам. На работа стигнав 15 минути порано (скроз буден, наместо вообичаено коматозен) и бев презафатен редејќи крукчиња банана за појадокот за да се секирам дали шефот забележал.

По цели денови бев расположен. Си наоѓав работа во нешта што обично немав волја да ги правам на крајот на денот. Имав време и за трчање и за склекови, плус за варење јајца и споредување на апарати за домаќинство на Амазон. За целосна ексфолијација, за организирање на фиоката со гаќи во различни категории… Секој ден ти изгледа како да е викенд.

Има и некои недостатоци, секако. Ги пропуштив Оскарите, на пример. Понекогаш пропуштам пораки од пријатели. Плус, никој не ми верува. На почетокот на експериментов, се разбудив и имав порака од другар пратена претходната вечер и веднаш му одговорив. Не ми одговори тогаш, туку ме праша за тоа две недели подоцна.

„Ми одговори во 4 сабајле… тогаш се враќаше?”

„Не, пробувам едно ново, си легнувам рано и станувам во 4.”

„Како да не.”

Зошто се обврзав на рано легнување и рано станување? Затоа што е тешко да собереш сила да се посветиш на себе на крајот на денот кога си на резерва. Овој модифициран распоред дозволува да бидеш корисен за себе, додека паралелно откриваш како изгледаш и без подочњаци. А сфаќам, тешко може да се оддржи тој лајфстајл на легнување во 8 навечер. Ако во еден момент имам социјален живот или куче, ќе морам повторно да размислам. До тогаш, важи муабетот: Сигурно ли ќе го правам ова секој ден? Не. Но, дали се радувам на следниот пат кога ќе имам прилика? Апсолутно.

23 март 2018 - 10:25