Се работи за бракови кои и онака биле пред крај, а задолжителното затворање заедно, само го забрзува процесот до крајот, според една брачна советничка од Сан Франциско.
„Мислам дека е ужасното, токсично вриење на пречестото заедништво,“ вели таа за Тудеј, забележувајќи дека ни нервозата околу губење на работни места не помага. „Па, имаш родители што сега држат часови по дома, што е кошмар, од лично искуство. А ако нема позитивност, ако нема почит, ако нема пријателство и луѓето се вистински осамени, како што и биле веќе подолго време, тешко се опоравува врската.“
Компликацијата со работата: луѓето остануваат без работни места, или им страда (и настрадува) бизнисот. Без да си ја знаат финансиската иднина, скоро невозможно е да преговараат околу старателство, алиментација и слично и мораат да ги одложат разводите додека не им стане појасно што ќе им се случува.
И бидејќи ситуацијата трае, а луѓето мораат да се разведуваат, се преземаат неколку чекори.
Некои држави дозволуваат развод онлајн, што не се препорачува да прејде во навика. Општиот совет е обавезно да се разговара со адвокат, а најголемата грешка што се прави е игнорирање на овој совет. И ако паровите соработуваат, може релативно брзо да се заврши.
Понатаму, постојат виртуелни советници за развод, исто како и за брак. Во нормални услови, партнерите живеат одвоено додека чекаат развод, но во услови на пандемија, често се принудени да живеат заедно, па работите стануваат чудни, а неретко и гадни. За да се олесни конфликтот, се препорачува советник кој може да помогне особено доколку двојката има деца, кои е пожелно што е можно полесно да поминат во ситуацијата.
Во однос на децата, се советува осмислување на распоред со нив, кој би им одговарал и на двајцата родители. А во однос на продуктивност, Пенелопи Хефнер, адвокат по семејно право од Северна Каролина, предлага - список за развод. Откако ќе разговарате со адвокат и ќе ви објаснат кои се чекорите, списокот ќе помогне во забрзување на работите. Значи, собирање документи, контактирање финасиски институции, истражување онлајн, такви работи.
Препорачливо е и планирање на постразводен буџет. Искушението е веднаш да избегаш од заедничкиот дом, но не е паметно да носиш избрзани одлуки без да ги испланираш парите. „Разделба пред да осмисли распоред за децата и за буџетот е нешто што не го препорачувам,“ вели Хефнер. „Може едниот да се отсели, да земе кредит или да потпише договор, па да открие дека обврските кон поранешниот партнер му се многу поголеми од претходно.“
Вие пред, за време на и тазе после развод во карантин - гледаме дека не ви е лесно. Држ’те се.