Стари холивудски скандали што личат како измислени, а не се

За време на холивудската златна ера имало задкулисни тајни, поинтригантни и помрачни од некои што ги слушаме денес.

Во време кога студијата се служат со заплашување и уцени за да спасат репутација - и своја и на некоја нивна потпишана старлета, прикриени се неброени скандали. Некои ќе останат засекогаш под тепих, а некои имаат стигнато до јавноста, особено денес во ера на холивудска лустрација.

Џоан Крафорд има глумено во барем еден филм за возрасни
Пред да стане филмска ѕвезда, Џоан Крафорд има снимено барем едно порно, па МГМ има потрошено години и милиони долари да го најде и да го уништи филмот.

Била една од најголемите ѕвезди на студиото, па кога од таму откриле дека како тинејџерка се појавила во краток порнографски филм со наслов Velvet Lips, не се штедело на мерки. „Поправачот“ на МГМ, Еди Маникс се заортачил и со мафијата за да се најдат изнудувачите кои барале 100.000 долари за филмот, па им дале избор: 25.000 долари за сите негативи или мафијата да ги сништи и нив и негативите. Друга приказна кажува дека Маникс сепак одврзал 100.000 за негативите.

Сопругот на Џин Харлоу се убил под многу сомнителни околности
Полицијата го наоѓа телото на продуцентот Пол Берн во неговиот дом - гол, со пиштол во рака, заедно со порака. Претпоставувале дека се раборти за проштална порака, но не можеле да ја сфатат, особено што и Харлоу не сакала да бекне на таа тема, освен дека била кај мајка ѝ кога се случило самоубиството.

МГМ набрзинка стапуваат на сцена да „зачистат“ - дури и Луис Б. Мајер се појавува наредниот ден во нивната куќа. Зошто не е чиста работата - години пред да ја запознае Харлоу, Берн бил во врска со една неуспешна актерка, Дороти Милет, која му станала и жена. Имала ментални и емотивни проблеми. Еден ден, Берн ја наоѓа во кома, од која докторите велат дека нема да се разбуди. Десет години подоцна, откако Берн е веќе со Харлоу, Милет сепак се буди и го контактира. Наводно договорил средба кај него дома, а Харлоу ја испратил (според некои и иницирал расправија за да ја натера да излезе). Умира истата вечер кога требало да ја сретне Милет. Десет дена по неговата смрт, во реката Сакраменто го наоѓаат и телото на Дороти Милет, што истражувачите ги навело да помислат дека таа му го одзела животот.

Грета Гарбо и Марлен Дитрих веројатно имале афера
Гарбо и Дитрих имале многу заедничко - само четири години разлика во возраст, двете дојдени во Холивуд од Европа и од прилика во исто време, но цел живот одрекувале дека некогаш се сретнале.

Во 1925, на 19 години, Гарбо се појавила во немиот германски филм, Улица без радост, наводно покрај Дитрих која тогаш имала 23. Дитрих инсистирала дека никогаш не се појавила во тој филм, а бидејќи има малку преживеани негативи, тешко е да се докаже дали лажела или не.

Дајана Меклилан, автор и филмски историчар детално ги истражила преживеаните сегменти од филмот (во проект фокусиран исклучиво на Гарбо). За време на процесот, со помош на неколку стари фотографии, речиси се уверува дека Дитрих се појавува во неколку клучни сцени.

Зошто драма?

Според истражувањето на Меклилан, Гарбо и Дитрих имале бомбастична афера додека го снимале филмот. Младата, поводлива Гарбо се вљубила до уши во Дитрих која немала намера да влегува во сериозна врска. Било моќно, но кратко и двете ги оставило огорчени. Дитрих подоцна му се доверила на пријателот и сценарист Сем Тејлор дека Гарбо била „неинтелигентно скандинавско дете што носи валкан долен веш.“

Дечкото-мафијаш на Лана Тарнер го убила нејзината ќерка
Лана Тарнер, нели позната по фам фатал-улоги, преживеала сопствена реална верзија на филм ноар, кога во ’58, нејзиниот дечко Џони Стомпанато, познат мафијаш поврзан со Мики Коен, бил пронајден избоден до смрт во нејзиниот дом.

Убиството го признала 14-годишната ќерка на Тарнер, Шерил Крејн, тврдејќи дека грабнала кујнски нож за да ја заштити мајка ѝ од неговиот бес. На крај, поротата одлучува да го стави ова под „оправдано убиство“.

Трачевите не запираат тука, затоа што потоа јавноста шпекулира дека девојчето било вљубено во Стомпанато, или дека Тарнер го убила, па ја убедила ќерка ѝ да ја преземе вината.

Чарли Чаплин упорно се женел за тинејџерки
Чарли Чаплин е обожавана комична фигура, но реалноста на неговиот љубовен живот ги прави неговите филмови малку потешки за уживање. Чаплин четири пати се женел, прв пат на 29 години, последен на 53, но возраста на неговите невести останувала релативно иста. Првиот брак (значи 29 имал) му бил со 16-годишната Милдред Харис, но се развеле две години подоцна (она веќе стара -18 години). На 35 се жени за исто така 16-годишната Лита Греј, и тоа во Мексико за да го избегнат законот во Калифорнија што вика „не се женете со деца плс“. Бракот трае три години, па завршува со многу јавен развод, и остарена невеста, веќе дури 19-годишна.

Третиот брак му е со постара - 20-годишната Полет Годар (може си рекол дека е време со некоја што му е поблиску со возраст да се скраси), и се развеле после 6 години. Овде веќе гледа дека со стари не бива, па на 53 се жени со 18-годишната Уна О’Нил, ќерка на Јуџин О’Нил. Овој пат му се посреќува - златна средина си е златна средина.

19 март 2021 - 14:11