Спрејот за фиксирање шминка - за едни мајка, за други маќеа

Зошто кај некои функционира, кај некои не и кои се точно лажгите со опашки?

Можеме ние и со лак за коса (како на времето) само што, состојките во спрејовите за фиксирање шминка се наводно „попријателски настроени кон кожата“.

Патем, не си го прскајте лицето со лак за коса.

Вејн Гос има 15 години искуство со шминка и сѐ што знае споделува на неговиот Јутјуб канал. Овој пат знае како нѐ лажат за фиксирање.

Целта на спрејовите за фиксирање е да ја направат шминката потрајна, да ти го спасат ремек делото што си го имаш создадено на лицето, и некои навистина успеваат во тоа. Сепак, првиот проблем е што скоро сите содржат некоја форма на алкохол, а алкохолот ја разложува шминката. Она што го гледаме на туторијали, кога ќе се малтерисаат со седум слоја производи, ќе се запрскаат и одеднаш - сѐ е мазно и сјајно, е всушност веќе шминка во распаѓање. 

И уште една работа влијае на ефикасноста на спрејот - највеќе добиваат тие со нормална кон сува кожа. Ако имате мрсна кожа, скоро и џабе да ви продаваат спреј. Да, ќе потрае повеќе, но спрејот нема да го спречи лицето да произведува маснотии и шминката ќе почне да се распаѓа побрзо. 

Вака излегува дека ветувањето не е за сите исто.

3 февруари 2021 - 05:46