Славните планираат „замрзнување“ на Инстаграм - никој не е импресиониран

Ким Кардашијан Вест, Кети Пери и Марк Рафало изјавија дека ќе протестираат против Фејсбук со замрзнување на нивните Инстаграм профили во среда (Инстаграм е под Фејсбук, па затоа).

Еден по еден, славни личности изјавуваат дека им е смачено од лажните информации и говор на омраза на Инстаграм и Фејсбук, а многу од нив имаат милиони следачи и на двете социјални мрежи. Одат до таму што не само што јавно негодуваат, туку и ќе ги замрзнат профилите за ЦЕЛИ 24 часа и нема НИШТО да ни објават во еден вид мораториум.

Ете, тоа значи протестот и замрзнувањето. Цели 24 часа немало ништо да објават. Каков црн ден ќе биде среда, опремете се со дијазепам.

Најавениот потег не им помина добро, напротив - онлајн критики имаше за ринење со лопата, со луѓе што дигитално превртуваа со очи и им враќаа со „Леле, боже, каква жртва“ и „Колку многу вие ризикувате.“

Една Твитер-корисничка, Џена Голден, директорка на консултантска фирма во Вашингтон пишува:

„Ако ништо друго, покажаа дека не можеме да живееме без овие платформи затоа што сите се враќаат (сосе брендовите).“

Ова е далеку од тоа што сакаа да го постигнат организаторите на Инстаграм-замрзнувањето. На пример, кампањата „Престанете со омраза заради профит“ составена од организации за граѓански права имаше поголем успех кога успеа да убеди одредени брендови да паузираат со реклами на Фејсбук, што е директен удар на платформата, многу поголем отколку 24-часовно наоѓање друга занимација на една Ким Кардашијан.

По истекот на тие 24 часа, се планира славните да објавуваат едукативни пораки за младите, каде што ќе промовираат демократија и ќе објаснат како компаниите зад социјалните мрежи шират дезинформации, говор на омраза и дозволуваат крајно десни групи да се формираат онлајн.

16 септември 2020 - 12:55