Си ја мразам работата - може да дадам отказ?

Позајмуваме од „Драгата Савета“ на TheCut: За работата што ја мразиш и опциите што ги имаш. Го бираме писмото затоа што неодоливо потсетува на нашево поднебје.

Драга Шефице,

Неодамна ја завршив втората недела на новата работа и апсолутно ја мразам.

Ми ја опишаа како уредничка-пишувачка позиција и излезе дека е администраторска работа и внесување на податоци, при што поголемиот дел од времето го поминувам на телефон, барајќи информации од луѓе што не ни сакаат да кренат. Веќе почнувам да работам до доцна и за викенди за да завршам сè во ненормални рокови и бидејќи сум на милост и немилост на трети страни, не можам многу да направам за подобро да го менаџирам времето. Знам дека е нормално да си под стрес за нова работа, но навистина мислам дека ова мене не ми е погодено.

Платата е повисока од последната работа што ја имав, но улогата е многу попочетничка и несоодветна за моите професионални цели. Дали е подобро и поради адекватно однесување и од перспектива на резиме да дадам отказ сега и да не ја ни внесувам во резимето, во надеж дека набрзо ќе најдам подобра позиција, па на новите интервјуа да мислат дека сум правела пауза меѓу работни места? Или да издржам подолго и да го вклучам тоа, па да објаснувам зошто сум напуштила три месеци подоцна?

Иако ја мразам работата, криво ми е да ја напуштам толку брзо, со оглед на тоа што ме почекаа да завршам со обврските на претходната и го имам испланирано мојот (преполн) распоред за следните неколку месеци. Размислував и да ѝ кажам на менаџерката дека ќе останам додека да најдат замена, но искрено, сакам веднаш да истрчам низ врата.

Би зборувала со менаџерката пред формално да дадам отказ, но досега беше тешко да се зборува со нејзе затоа што е презафатена и секогаш ги брза или ги одложува состаноците, а јас сум на телефон по цел ден. Ме нервира и што ги спомнав овие две причини за загриженост на интервјуто (обемот и природата на работата) и и менаџерката и директорот ме убедуваа дека нема да биде… па, баш како што е сега.

Треба да бидам благодарна што имам работа и да чекам да видам дали ќе стане подобро, иако во моментов таа помисла ме вади од кондури? Или брзо да завршам работа?

Одговорот:

Ако си спремна да си одиш, можеш да си одиш. Не треба да чекаш подолго ни за фино однесување, ни за резиме - всушност, и на двата фронта е подобро ако си одиш побрзо. Може имаш други причини за чекање, како нова опција за работа, но не мораш да се грижиш за тие две работи што ги спомена.

Ако е за резимето, ако си сигурна, оди си побрзо. Така лесно можеш да не ја вброиш работата во CV, и не мораш да објаснуваш зошто си отишла толку брзо (инаку, тој разговор не е голема работа - објаснуваш дека те најмиле за Х, но на крај си морала да правиш Y). Од друга страна, ако останеш повеќе месеци, може ќе сакаш да ја ставиш работата во CV за да објасниш што си правела во тоа време.

За односот со компанијата, ако си сигурна дека ќе си одиш, на работодавачот ќе му биде полесно ако му кажеш сега. Инаку, ќе инвестираат уште време и обуки во тебе, а ти си одиш… И ако побрзаат, можеби можат да викнат некој од другите кандидати што биле заинтересирани, наместо да почнат од нула. Ова не треба да ти биде примарна грижа кога даваш отказ - правиш тоа што е најдобро за тебе, како што и тие би направиле - но бидејќи прашуваш како е правилно, да знаеш дека не им грешиш на нив со тоа што не ги одолговлекуваш работите.

Знае да биде непријатно да му кажеш на менаџерот на нова работа дека си одиш - можеби тоа е тоа што те загрижува - но тотално е валидно да напуштиш, ако работата е сосема поинаква од она што ти го ветиле (секогаш е така, но особено е така ако те уверувале дека нема да биде како што ти е сега). Што значи дека ако некој направил грев во однос на коректност - работодавачот е.

Покрај сето ова, бидејќи си само две недели на работа, паметно е да се остане барем малку отворен кон можноста дека ова што го гледаш сега не е работата што ќе ја вршиш во иднина. На пример, можеби те чекаат да бидеш пообучена, пред да те пуштат на остатокот од описот, или можеби си привремена замена за некој без да знаеш? Со оглед на деталите што ги споделуваш, веројатно не е тоа, но вреди да се осигураш пред да се одлучиш, а најлесно ќе го направиш тоа ако имаш искрен разговор со менаџерката за нејасностите, во случај проблемите да можат да се поправат.

Бидејќи е тешко да се сретнеш со неа и секогаш брза или одложува, ќе мораш да ѝ појасниш дека се работи за нешто важно. Можеш да пратиш мејл со содржина, „Знам дека си преплавена, но може ли да одвоиме половина час неделава за да позборуваме за некои работи? Работата до сега е главно таква и таква, не е пишување, па сакам да разјасниме што е потребно за оваа позиција.“ Пристоен менаџер ако ја добие таа порака, ќе најде време да седне и да разговара.

Кога ќе се сретнете, треба да ја образложиш ситуацијата најјасно што можеш - не танцувај околу темата заради деликатноста. Кажи, „прашував за ова на интервјуто и тогаш звучеше дека позицијата е дефинитивно фокусирана на пишување и (што и да е друго што сега го нема). Реално, дали е можно да ја вршам работата за која зборувавме тогаш, или потребите се за администраторска работа и внесување податоци?“

Никој не знае што ќе излезе од ова. Можеби ќе излезе дека проблемот лесно се решава, затоа што шефицата не сфатила колку многу администраторска работа ти е наметната, или затоа што никој не ѝ кажал на личноста што делегира пишувачки задачи дека си вработена. Или ќе добиеш нејасни ветувања дека ќе има повеќе од работата што ја сакаш, без конкретни индикации за кога тоа ќе се случи, или какви чекори ќе се преземат. За второто биди скептична; има причина што си била загрижена дека токму ова ќе биде проблем уште за време на интервјуто.

Ако ништо што ќе се каже на тој разговор не те увери дека работите наскоро ќе се променат, тогаш, си направила сè што можеш. Ако е јасно дека она што досега го гледаш на работното место всушност е работата и тоа не е работата што ја сакаш, во ред е да бидеш директна и да продолжиш понатаму во истиот момент кога ќе одлучиш дека си спремна.

4 февруари 2022 - 00:01