
Беше едвај после 5 часот наутро, а јас бев буден во еден хотел во Рим. Од летот ми беше сигурно. Го земав телефонот, одговорив на неколку пораки, па отворив Инстаграм - и скролав по Инстаграм еден саат. Содржините ме хипнотизираа. Откако изгледав видео од тип што појадуваше остатоци од Доминос пица и портокалов сок, па си направи сендвич со кашкавал и чипс за ручек, се освестив.
Што правам јас, бе? Можев да се обидувам да заспијам, или да вежбам во хотелската теретана. Лаптопот со список со работни задачи ми беше во близина. Аман, од прозор се гледаше Вечниот град! Што е уште полошо, и книгата што ја читав беше до мене. Во било кој момент, можев да го спуштам телефонот, да ја земам книгата и да примам материјал многу позначаен од клипови со нечија лоша исхрана. Наместо тоа, скролав.
Сите сме оставиле книга за да се изгубиме во телефон. Дејството е како да им ги јадеш чоколадите на твоите деца, без осет. Има блиц-моменти на уживање и после ти е лошо и физички и психички. Се чувствуваш и поглуп.
Сте забележале ли дека сè почесто се спомнува терминот Постписмено доба? Главно се однесува на пропаѓањето на пишаниот збор и враќањето, на некој начин, на усната култура во која знаењето се шири преку говор. Деновиве, веројатно ќе чуете повеќе луѓе да препорачуваат подкасти отколку книги. Најпопуларните политички фигури не се автори, ниту ТВ-ѕвезди - водат подкасти и во живо емитуваат програма на Твич. Денешниот Томас Пејн не е писател, туку инфлуенсер.
Долго пред Фејсбук и Инстаграм, Маршал Меклуан - еден вид медиумски филозоф, што се појавува и во Ени Хол - прв ја претставува постписмената идеја во раните ‘60-ти.
Нил Постман, еден ученик на Меклуан ја тера идејата подалеку со неговата книга Amusing Ourselves to Death од 1985.
„Американците веќе не разговараат меѓу себе, туку се забавуваат меѓу себе,“ пишува тој. „Не разменуваат идеи, туку слики. Не се расправаат со аргументи, туку со добар изглед, славни личности и реклами.“
Четириесет години подоцна, ова мислење е запрепастувачки точно.
Попрецизниот аргумент е начинот на кој ќе станеме постписмени. Ја споредува визијата на Џорџ Орвел во 1984 со таа на Oлдос Хаксли во Прекрасен нов свет. Орвел се плаши дека книгите ќе бидат забранети. Хаксли се плаши дека нема да има ни потреба да се забрануваат, затоа што и онака никој нема да сака да ги чита. Хаксли уште и расправа дека „граѓанските слободари и рационалисти што се секогаш спремни против тиранијата заборавија на незаситниот човеков апетит за одвлекување внимание.“
Денес имаме машини за одвлекување внимание во џеб, на наткасна, секогаш спремни.
Еве го парадоксот: стапките на писменост денес се највисоки во историјата на човештвото. Никогаш повеќе луѓе не знаеле да читаат и пишуваат. И сепак, светот што го замислуваше Хаксли, а подоцна го предвидуваше Постман, изгледа сè повеќе станува реалност. Причината не е во тоа што луѓето не читаат воопшто, туку во тоа што најголем дел од денот го поминуваат читајќи објави на Фејсбук, описи на Инстаграм и кратки пораки на Икс. Книгата, како форма на подлабоко и подолготрајно внимание, сè поретко наоѓа место во секојдневието.
Читањето книги полека станува изгубена вештина. А последиците би можеле да бидат многу посериозни отколку што изгледа на прв поглед.
„Можеби оваа епидемија на неписменост одигра улога во исчезнувањето на вистината, а со тоа и на либералната демократија“, напиша новинарот Џорџ Пакер во Атлантик.
Ако оваа анализа е точна, тогаш најбезазлената манифестација на постписменото доба е бескрајното скролање по Инстаграм. Многу посериозната последица е можноста најмоќните политички и општествени институции да бидат обликувани од луѓе кои имаат сè помалку капацитет за сложено размислување, критичка анализа и разбирање на поширок контекст.
Сепак, има и знаци дека овој проблем почнува да привлекува внимание. За него сè почесто зборуваат новинари, автори и јавни личности.
Во својот билтен Cultural Capital, колумнистот на Тајмс од Лондон, Џејмс Мериот, минатата година објави текст што многумина го опишаа како манифест за доаѓањето на постписменото општество.
„Ако револуцијата на читањето претставуваше најголем пренос на знаење кон обичните луѓе во историјата, тогаш револуцијата на екраните претставува најголема кражба на знаење од обичните луѓе во историјата“, напиша тој.
Во последните години сè повеќе книги и анализи се обидуваат да го објаснат феноменот на постписменоста преку пошироки општествени промени - од растечката површност во јавниот дискурс до чувството дека западната култура произведува сè помалку нови идеи.
Најинтересниот аргумент во дебатата за опаѓањето на читањето можеби не е неговата поврзаност со кризата на демократијата или со интелектуалното осиромашување на современото општество. Можеби проблемот е што погрешно зборуваме за тоа зошто луѓето воопшто треба да читаат.
„Да кажувате некому дека треба да ја сака литературата затоа што читањето е добро за општеството е исто како да му кажувате дека треба да верува во Бог затоа што религијата е добра за општеството“, напиша Адам Кирш во „Атлантик“. „Тоа е утилитарен аргумент за нешто што би требало да биде лична страст.“
Читањето не е само корисна навика. Треба да предизвикува чувство слично на спонтана пијачка со пријателите или цигара испушена во доцните часови. Со други зборови, книгите не треба да се претставуваат како обврска или морална должност.
„Подобро е читањето да се опишува не како јавна одговорност, туку како приватно задоволство, понекогаш дури и како порок“, пишува Кирш. „Тоа би било поефикасен начин да се привлечат младите луѓе, а воедно е и поблиску до вистината. Кога литературата се сметаше за нешто опасно и субверзивно, моралистите не можеа да ги спречат луѓето да купуваат и читаат книги. Денес, кога книгите се претставуваат како доблесни и поучни, моралистите не можат никого да убедат да фати книга.“
Се сеќавам на едно искуство од деведесеттите години. Кога ја позајмив книгата „На пат“ од Џек Керуак од училишната библиотека, библиотекарката ме предупреди: „Внимавај со оваа книга - последниот ученик што ја прочита се отпиша од школо.“
Книгите можат да бидат информативни и забавни; како цигари и алкохол, можат да бидат и опасни и лоши за здравје. Неколку недели после Рим, фатив нова книга, „Совршен шпион“ на Џон Ле Каре. Ајфонот немаше шанси со оваа. Губев сон читајќи ја длабоко во ноќта и ја почувствував истоштеноста како од мамурлак следното утро. Како и повеќето пијани вечери низ град, книгата вредеше.
Значи, што ќе се случи кога ќе престанеме да читаме книги? Демократијата пропаѓа, либерализмот се повлекува, глупоста расте и - можеби еднакво лошо - стануваме помалку... занимливи.
Постписменото доба има да биде досада жива.