Светлана Алексеевич ја пишува книгата „Гласовите на Чернобил” или „Чернобилска молитва”, полна приказни на сведоци, очевидци и луѓе директно поврзани со жртвите. Едно сведоштво имаме овде, и е очигледно дека е искористено за сценариото на „Чернобил”. Ова, и другите настани и целата глобално хвалоспевана серија веројатно ќе го пополнат вакуумот каде што би требало да е целата приказна за катастрофата.
И тоа не е добро.
Прво, што погодија до детаљ. Материјалната култура на Советскиот сојуз е репродуцирана со точност која никогаш претходно не е видена на телевизија или филм. Облеката, предметите, па и светлото како да доаѓаат директно од Украина, Белорусија и Москва во ’80-ти. Има по некоја ситна грешка, како деца што носат празнични униформи кога не е празник, или тинејџери со детски ташни за во школо, но не мора да претеруваме. Американци родени во Советскиот сојуз, па и Руси родени во Советскиот сојуз твитаат и блогираат, воодушевени од прецизноста со која е прикажано опкружувањето на луѓето. Единствената забележлива грешка е што креаторите на серијата немаат поима за огромните поделби меѓу различните социоекономски класи: во серијата, Валери Легасов (вистинскиот го имаме тука), член на Академијата на науки, живее во речиси ист стан како пожарникар од Припјат. Легасов во реалноста би живеел во многу поинаква ситуација.
А каде лежи најголемата дупка во серијата?
Во неуспехот точно да се портретираат советските врски на моќ. Има исклучоци, како блицеви на брилијантност кои ни покажуваат како вистински функционирала советската хиерархија. Во првата епизода, на пример, за време на итен состанок на припјатскиот совет, еден постар државник, Жарков, дава морничав и морничаво точен говор, барајќи од колегите „да имаат верба.” Ќе го запечатиме градот,” вели Жарков. „Никој нема да замине. Ќе ги исклучиме телефонските жици. Да не се шират дезинформации. Така ќе ги спречиме луѓето да ги поткопаат плодовите на нашиот труд.” Изјавава има сè што треба: бирократксата индиректност на советскиот говор, присвојување на привилегијата на „плодовите на трудот” за себе, наместо да одат кај оние кои ги заслужиле, и на крај, нели, тоталната негрижа за човековиот живот.
Последната епизода на Чернобил содржи и сцена што совршено го опфаќа советскиот систем. За време на судењето на тројцата луѓе што ги сметаат за одогворни за катастрофата, еден член на Централниот комитет го отфрла судијата, кој потоа го погледнува обвинителот и чека упатство, на што обвинителот реагира со климање со глава. Ова е баш така како што функционирале советските судови: го слушале Централниот комитет и обвинителот имал поголема моќ од судијата.
За жал, освен овие блескави моменти, серијата често тера на карикатура или глупирање. Во втора епизода, на пример, Борис Шчербина се заканува дека ќе го застрела Легасов, ако не му објасни како работи нуклеарен реактор. И други луѓе низ серијата реагираат на одреден начин, од страв да не добијат куршум. Ова е неточно: вакви егзекутирања, па дури и одложени егзекуции наложени од еден службеник после 1930-ти немало. Главно, луѓето правеле како што ќе им се каже без да има потреба од некаква закана или казна.
На сличен начин се репетитивни и смешни многуте сцени каде што научници се конфронтираат со бирократи со експлицитно критикување на одлуките што потекнуаат од системот. Во трета епизода, Легасов реторички ќе праша,
„Извинете - можеби сум предолго во лабораторија, или можеби сум само глупав. Вака ли навистина функционира ова? Неинформирана, нејасна одлука што ќе нè чини којзнае колку многу животи, што ја донел некој партиски службеник што брка кариера?”
Да, се разбира дека вака функционирало. Проблемот е што, да не знаел како функционира, не би ни имал лабораторија.
Откажувањето било дефинирачка состојба во Советскиот сојуз. Но, бидејќи да правиш телевизија од откажување е депресивно и неспектакуларно, креаторите на „Чернобил” почнуваат да замислуваат конфронтација каде што конфронтација би била незамислива - и со тоа, ја преминуваат линијата од создавање фикција во креирање лага. Белоруската научника, Улијана Комјук е уште поконфликтна од Легасов. „Јас сум нуклеарен физичар,” му вели на еден службеник во втора епизода. „Пред да станеш заменик-секретар, ти работеше во фабрика за чевли.” Прво, вакво нешто никогаш не би кажала. Второ, службеникот можеби работел во фабрика за чевли, но сигурно не ковал ѓонови; веројатно ја искачувал партиската скала што почнала во фабриката - но во канцеларија, не на погон. Службеникот, или поточно, карикатурата на службеникот си става чаша вотка, се мести поубаво и одговара: „Да, работев во фабрика за чевли. А сега сум главен.” Наздравува во сред бел ден: „За сите работници на светот.” Ова, колку и да ве натера да воскликнете „Е, ете, како кај нас!” е тешка глупост. Вотка на работно место, пред непријателски настроен странец, фалење „јас сум главен” - глупост врз глупост.
Најизмислената работа во сцената е сепак самата Комјук. За разлика од другите ликови, таа е измислена, за да ги претставува многуте научници кои му помогнале на Легасов да ја истражи причината за катастрофата. А Комјук ја отелотворува секоја можна холивудска фантазија: Ја знае вистината: уште првиот пат кога ќе ја видиме, таа веќе сфаќа дека нешто е тргнато наопаку и го сфаќа тоа ужасно брзо, за разлика од тупите мажи на самата локација на катастрофата на кои им требаат неколку часа за да сфатат.
Истовремено и ја бара вистината: интервјуира многумина (некои додека умираат од изложеност на радијација), вади научен документ, од кој, иако цензуриран, дознава точно што се случило, минута по минута. И ја апсат, па потоа веднаш ја седнуваат на состанок за катастрофата што го води Горбачов. Ништо од ова не е можно. Проблемот не е само дека Комјук е фиктивен лик; проблемот е во експертското знаење што го претставува - тоа е измислено. Советскиот систем на пропаганда и цензура постоел не толку за да се шири одредена порака, туку за дознавањето на работите да се направи невозможно, да се заменат факти со глупости, а на безличната држава да и овозможи монопол на вечно менливата реалност.
Во отсуство на наратив од Чернобил, креаторите на серијата се служат со рецепт за „филмови за катастрофи”. Има неколку лоши луѓе што ја предизвикуваат катастрофата и неколку добри и сезнаечки, кои ја спасуваат Европа да не стане ненаселива и кои на светот му ја кажуваат вистината. Вистина е дека Европа преживеа, не е вистина дека некој ја чул вистината или стигнал да ја каже.
Харвардскиот историчар Серхиј Плоки во неговата книга за Чернобил ги реконструира настаните и обвинува. Расправа дека советскиот систем го креирал Чернобил и ја направил експлозијата неизбежна. Ова од прилика го разбираме и во серијата. Во последната епизода, Легасов сведочи и на судот му кажува дека катастрофата се случила затоа што врвовите на контролните шипки биле направени од графит, што ја забрзало реакцијата, а шипката требало да ја смири. Кога ќе го прашаат „зошто?”, Легасов ја кажува истата причина поради која се игнорираат безбедносни упатства и не се внимава: „Поевтино е.” И го обвинува целиот систем.
Почесто од ова нè тераат да веруваме дека луѓето на кои им се суди - особено еден од нив, Анатолиј Дјатлов - се виновни. Го гледаме како сосила тера помлади и подобри од себе да преземат активности кои на крај ќе доведат до катастрофа. Сè затоа што - сака да го унапредат. А не се работи за никакво унапредување, ни за повеќе унапредувања, па ни за безобразен шеф. Системот е во прашање, создаден од амбициозни мажи и жени, систем што штеди каде што не треба и ги игнорира сопствените предупредувања, за на крај да го разнесе сопствениот нуклеарен реактор затоа што - така тогаш се правело. Гледачот е поканет да фантазира дека да не бил Дјатлов, подобри луѓе би се фатиле за работата и фаталниот недостаток на реакторот и самиот систем би останал на место. И ова е лага.
Потешко е да се прикаже систем кој си го копа сопствениот гроб, отколку амбициозен, злобен човек како предизвикува катастрофа. На ист начин, тешко е да се гледаат 12 научници кои бараат докази, наспроти измислен совршен лик што ќе ги има сите потребни карактеристики за борба со катастрофа. Ова е тој историски наратив за одлични луѓе, каде што се важни тие неколку чекори, неколку одлуки донесени од луѓето што се битни, наместо хаосот кои луѓето го создаваат и од кој страдаат на крај.
Сведочејќи на суд во последната епизода, Легасов вели, „Секоја лага што ќе ја кажеме, создава долг кон вистината. Порано или подоцна, тој долг мора да се плати. Така и може да експлодира нуклеарен реактор. Со лаги.”
Човек би помислил дека вакуум од лаги може да се исполни само со вистина. Наместо тоа, се полни со сосема фиктивно, фантастично судење на кое голема група на луѓе - научници, како што ни кажуваат - добиваат точна проценка на настани во прифатлив, брилијантен говор, каков што Советскиот сојуз никогаш не видел.
Легасов го добива последниот збор. Зборува за дарот на Чернобил:
Порано се плашев од цената на вистината, а сега се прашувам - која е цената на лагите?”
Човек би рекол дека цената на лагите е уште повеќе лаги. Би рекол можеби и дека ова се измени, скратени патчиња, додавања, па дури и преводи. Но што и да се, сигурно не се вистинити.