Маж со дете: Џон и Бо Дерек

Го викале тогаш, а и сега се провлекува така - холивудска љубовна приказна. А проблематично е, со оглед на тоа што режисерот Џон Дерек имал 47, а девојката во која се вљубил - 16.

Времето е рани 1970-ти, местото е Грција. Мери Кетлин Колинс го запознава Џон Дерек на снимање и кратко потоа станува - Бо Дерек. Сепак, се запознаваат во време кога Џон има 47 и е женет со Линда Еванс, која во тој момент е дома во Калифорнија, додека тој снима во странство.

Од тој момент, нивната приказна станува „романса“. Станува „холивудска љубовна бајка“. Медиумите викаат дека се вљубиле, дека било судбина, а всушност, реалната приказна е дека сопругот на Линда Еванс ја остава за тинејџерка. Има и луѓе што коментираат дека е познат и само по браковите со три популарни жени што личат една на друга - втора жена му е Урсула Андрес, на пример - а не по филмовите на кои работел.

А со своите 16, Бо Дерек, како и да изгледала - сепак била дете.

Во Калифорнија каде што заживеале заедно, полнолетство (што вклучува и способност за согласност) започнува на 18, па се селеле во Германија, па во Мексико, каде што живееле додека Бо да наполни 18. Се венчале во 1976 кога наполнила 20 и тогаш го земала името и презимето што го знаеме денес.

Џон Дерек ѝ ги режирал филмовите, ѝ го контролирал имиџот, кариерата и јавните настапи. Во брак биле 22 години, до неговата смрт во 1998.

Низ годините, по интервјуа, Бо со комплицирани чувства зборува за нивната врска. Ја признава болката што ѝ ја нанеле на Линда Еванс и изразува благодарност за нејзиното достоинствено однесување и простување. Се сеќава дека била премлада и вовлечена во нешто што едвај и го разбирала.

Беше друго време и поинаку се сфаќаа работите, но сепак фактите се тие - возрасен маж со позиција на моќ и тинејџерка изолирана од семејството, и врска што морала да се сели за да биде легална. Во Холивуд ова беше редовна работа на времето - постари мажи „откриваа“ тинејџерки, ги венчаваа и тоа можеше да заврши на различни начини.

Од друга страна, Линда Еванс дамски го истера тоа низ годините, без разлика што медиумите целиот скандал го врамија како „тепачка меѓу две жени“. Тогаш, трачот бил побитен, но сепак, менталитетот и доживувањето околу ваквите случаи се многу изменети денес.

Сепак, мора да имало причина што и тогаш возраста на која си способен да расудуваш законски била 18.

Еве обемно интервју со нив двајца, па видете сами.

24 февруари 2026 - 10:31