На Мерилин Монро ѝ се случувала синестезија: еден вид сензорна или когнитивна фузија во која што работите што ги гледаме, слушаме, мирисаме, чувствуваме или вкусуваме стимулираат сосема неповрзано сетило – на пример, музиката да се слуша, или храната да се вкусува – во боја. Нејзиниот прв сопруг, Џим Доерти му кажувал на Норман Мејлер за некакви „вечери кога Норма Џин служеше само грашок и моркови. Ѝ се допаѓаа боите. Таа го има она поместувањето на сетилата што луѓето користат дроги да го имаат. Гледа вибрации кога слуша звуци,” се сеќава Мејлер во неговата биографија за Монро од 1973-та.
Состојбата се раскажува во литературата со векови, но само од неодамна почнува научно да се истражува. Името буквално означува соединување на сетилата, а експерти од секаде по свет имаат најдено повеќе од сто варијации на ова. Се смета дека 4 проценти од популацијата имаат барем една варијација; некои имаат и повеќе.
Се викаат синестети
„Синестезијата е феномен и луѓето кои ја имаат го искусуваат светот поинаку,” вели Д-р Дејвид Иглман, научник од Стенфорд. „Ја менува перцепцијата.” Синестетите подобро памтат, на пример, затоа што имаат додатна помош од другите сетила.
Според Ричард Ситовик, професор по неврологија на универзитетот Џорџ Вашингтон, ваквите истражувања доведуваат до одново разгледување на перцепцијата општо. „Од научна гледна точка, предизвикува промена на парадигмата. Можно е да треба да се редефинира перцепцијата,” вели Ситовик. „Очите ни гледаат, точно, но излегува дека видот може и да слуша. Тактилните рецептори можат да вкусуваат. Ако продолжи истражувањето на синестезијата, може да се открие дека на сите ни се случува по малку.”
Во книгата на овие двајца научници, која досетливо е насловена како „Среда е индиго сина: Откривајќи го мозокот на синестезијата”, пишува дека личност со синестезија може да почувствува вкус на храна на врвовите од прстите, да ја види буквата Ј како сјајна циклама боја, или бројот пет во смарагдно зелена, па дури и да го слушне и почувствува гласот на партнерот како златно кафеав. Насловот се должи на тоа дека синестетите знаат и времето да го гледаат во боја. Некои ги гледаат месеците, дури и годините просторно, како да се наредени во воздухот во различни правци. Една од понеобичните форми е бојата на вкусот – еден од синестетите тврдел дека пилешкото има син вкус.
Актерот Џефри Раш има просторна синестезија, на пример. Кога бил дете, „деновите во неделата инстантно имаат силни асоцијации на боја – понеделникот е бледо син, вторникот токсично зелен, средата длабока виолетова нијанса. Уметниците, музичарите и писателите се често синестети – Били Џоел и Фарел Вилијамс ја гледаат музиката во боја. За Psychology Today, Џоел тврди дека силните ритмови му се јаки црвени и златни нијанси, а побавните зеленкасти и сини. За Дјук Елингтон, тонот Д на баритон-саксофонот на неговиот колега му се чинел темно син, а Г-то на алто саксофон на друг музичар било светло сино со сатенска текстура. Во 18-ти век, Франц Лист бил познат по тоа што на оркестарот му велел да свири „малку посино”, или „Тоа е темно-виолетово, ве молам држете се до тоа. Не толку розево!”
Благодарение на новата технологија, сега научниците веруваат дека, физиолошки, синестезија се произведува кога различни регии на мозокот комуницираат меѓу себе. „Како две земји со неодредени граници,” објаснува Иглман. „Во повеќето мозоци, границите се јасни. Во мозокот на синестетите, тие комуницираат.”
Владимир Набоков кога го прашале за бојата на неговите иницијали, рекол, „В е транспарентна, розева боја. Мислам дека се вика кварц розева и со таа најблиску можам да ја опишам (пазете кои се тие детали!), а Н-то е жолтеникава, сивкаста, кашеста боја.
Сега веројатно ви доаѓа интересно и се мислите дали сте во тие 4%. За среќа, има еден тест на сајтот synesthete.org, што наводно треба да е непогрешив. Ситовик вика, „Синестетите се особено детални во нивното искуство. Спектарот на бои нуди повеќе од 16 милиони нијанси, и ако сте дел од овие луѓе, постојано можете да ја селектирате истата боја меѓу милиони избори.” Тие што само се занесуваат дека се синестети – не можат.