Што кога веќе не ти се работи на бракот?

Постојано се повторува дека „секоја врска бара да работа“, или „секој брак бара да се трудиш“, ама што се случува кога не ја бива веќе работата? Ако веќе не го сакаш партнерот и не сакаш да работиш на односот, како се излегува?

Првиот чекор што би требало да го преземеме при ставањето крај на една врска е размислување и рефлексија. Помагаат следниве прашања:

  • Што научив за љубовта додека растев?
  • Дали следам некаква претходна семејна шема со излегувањето од врската?
  • Дали има нешто што можам - или сакам да го направам - за да ја спасам врската?
  • Како се чувствувам во поголемиот дел од времето?
  • Како врската влијае на моето ментално здравје?

Одљубување

Често, се „одљубуваме“ постепено. Многу луѓе прво си ги жалат врските, пред да одлучат да си одат. Ова го прават за да ги соберат храброста и емотивната дистанца што им е потребна за да напуштат. Како последица, кога ќе дојдат конечно до одлуката, многу малку може да се направи за да се предомислат. Веќе се откажани.

Ако поминете доволно време во темелно размислување и сте сигурни дека сакате да напуштите, има неколку работи што треба да се земат предвид. Обрнете внимание дека не важат за сите врски, особено не за такви каде што имало злоупотреба.

Разговор лице во лице. Да си одиш без најава не е фер. Од почит кон партнерот, треба да настапиш искрено и директно, и со тоа можеш да помогнеш да се елиминира дел од конфузијата што партнерот може да ја чувствува. Начинот на кој се комуницира ова дава сигурност дека не се оставени недовршени работи и дека нема човекот да ви виси на закачалка. Најдобро е за ова да се избегнат јавни места за да може партнерот да процесира и да одговори.

Одредете си ја намерата. Разговор со кој се става крај на една врска не е момент за преговори. Намерата треба да ви биде да ја завршите врската, не празни закани што можат да доведат до „подобра понуда“ или ветувања. Нека ви биде јасно дали влегувате во разговор за крај на врската или се обидувате да разговарате за поправање на врската. Ако има уште надеж дека ќе се средат работите, тогаш разговорот треба да биде за промени.

Бидете љубезни. Не е невообичаено луѓето да се занесат или да збеснат, па тоа да доведе до префрлање вина или непочитување. Паузирајте, вдишете длабоко и сетете се на темата на разговорот. Се обидувате да ја напуштите врската, не да го повредите другиот. Не вреди ни да се почнува разговор мотивиран од желбата да се повреди друг човек.

Слушање. Во зависност од контекстот, другиот може да се изненади, или да ја одбие одлуката. Дозволете да има простор за нивните емоции и мисли.

Поставување граници. Кога една врска се менува, се менуваат и границите. Идентификувајте на кој различен начин сакате да бидете третирани (и како планирате да го третирате партнерот) и со тоа ќе обезбедите еден вид упатства за идни интеракции, ако воопшто планирате да ги има.

Поминете време со сопствените чувства. Дури и кога ти си човекот што одлучува да си оди, не значи дека не чувствуваш никаква болка. Може ти олеснува, но истовремено чувствуваш тага, фрустрација или разочарување. Крајот на една врска може да биде доста хаотичен. За да се остане со двете нозе на земја, помага соочувањето со сопствените мисли и чувства што ќе надојдат.

Сето ова е многу полесно да се каже отколку да се направи, ама за жал, во некои случаи доаѓа до прекин, и кога ќе дојде, треба да се изведе што е можно побезболно. И едно од најкорисните прашања после крајот на една врска е - што научив од ова искуство

23 јули 2021 - 07:33