Што има ново во Баленсијага?

Ако не се испотрошивте многу од одмори и уште ви се троши, зошто да не биде фрлање пари во ветер?

Баленсијага има нова колекција и освен облеката, има додатоци и во додатоците категорија што се вика „предмети“.

Па, да видиме што има во предмети.

Топка за одбојка - 275 евра. Затоа што обична топка, дали од спортска продавница, или од продавница за играчки не е тоа-тоа.

Рекети и топче за плажа - 695 евра, ама распродадени се - ќе мора да почекате. И штом се распродадени, можеби и нема да бидете единствени што маваат топче од Баленсијага лого. На краците ќе се најде може уште некој.

Ќебе за на плажа - 595 евра, затоа што сите што можат да си дозволат Баленсијага-ќебе за плажа, баш по песоци лежат.

Шише за вода - 170 евра, затоа што не е обично шише, пишува Х2О на него и затоа што на плажа мора да се пие вода.

Кутија за ужинка - 650 евра, што ќе ви се најде и за од септември, за децата кога ќе тргнат во школо.

Сапун со кутија - 195 евра, затоа што обични сапуни се за обични луѓе. Плус, ако имате дете што почнува во градинка од септември - пак ќе се најде, затоа што понекогаш нели треба да купуваме основни работи за во градинка. Може некој ќе донесе Баленсијага-тоалетна хартија и така ќе се надополните.

И - мирисливи керамички етикети Баленсијага - 195 евра: Мирисаат на темјан, хартија, кожа, даб и масло за машина за шиење.

Што си одбравте?

12 август 2024 - 21:11