Во јануари, 2015-та, Мише Соломон во школо ја „напаѓаат” еден куп соученици да ѝ кажат колку многу личат со друга ученичка, Кесиди Нурс, која е три години помала од нејзе.
Се запознаваат и сфаќаат дека е навистина така. Плус, Мише во истиот момент чувствува некаква поврзаност.
„Како да ја знаев од некаде,” вели таа. „Беше многу страшно, не можев да си објаснам зошто се чувствувам вака.”
И почнуваат да се дружат. Да се шегуваат дека се сестри, да си прават фризури и да си помагаат околу шминки. А кога ќе ги прашале дали се сестри, викале „Не знаеме - можеби во некој друг живот!”
Еден ден, се сликаат и го покажуваат селфито во друштво. Некои ја прашуваат Мише дали е сигурна дека не е посвоена. Им вика дека нема шанси.
Па, одат дома и им ја покажуваат сликата на родителите. Лавона, мајката на Мише коментира колку си личат.
Мајкл, таткото на Мише вели дека ја препознава другарката на ќерка му - татко ѝ на Кесиди имал продавница за електрика и тој понекогаш пазарел таму.
Но, родителите на Кесиди не се така опуштени. Зјапаат во сликата и бараат од ќерка им да ја праша Мише - дали е родена на 30-ти април, 1997-ма?
Одговорот е да.
Неколку недели подоцна, Мише ја викаат во канцеларијата на директорот каде што ја чекаат двајца социјални работници. Ѝ ја раскажуваат приказната за едно бебе со име Зефани Нурс, украдено од болницата Грут Шур 17 години претходно и дека постојат силни докази дека токму таа е тоа бебе. Мише им кажува дека е родена во друга болница (како што е излажана), но еден ДНК тест неколку дена подоцна ја потврдува вистината - Мише Соломон и Зефани Нурс се истото девојче, без разлика што Мише била уверена дека нема шанси да покаже така, со оглед на тоа што мајка ѝ ја сметала за прекрасна личност што никогаш не би ја излажала.
„И бев во шок. Животот ми излезе од контрола.”
Следува апсење на Лавона Соломон, жената за која цел живот верувала дека ѝ е мајка.
„Тоа ме скрши,” се сеќава Мише. „Ми беше потребна. Сакав да ја прашам, зошто? Што се случува? Премногу ми дојде информацијата дека припаѓам на некој друг.”
После некое време испрашување, Мајкл, сопругот на Лавона е ослободен од обвиненијата дека бил соучесник. Лавона била бремена, но имала спонтан абортус. Продолжила да ја лажира бременоста, додека не ја украла Зефани Нурс.
Обвинета е за киднапирање и лажно претставување како мајка на дете.
Селест и Морн Нурс, биолошките родители, родиле уште три деца во меѓувреме и се развеле, но никогаш не престанале да го бараат првото, без да бидат свесни дека им расте на 5 километри оддалеченост.
Конечно ја гледаат во полициска станица, со присутни социјални работници.
„Ме гушкаа и почнаа да плачат. Си велев, истрпи, затоа што е штета за луѓево, многу поминале. Тажно е, но ништо не почувствував, не ми недостасувале.”
Оттогаш почнува емотивен пекол. Еден пар родители се живи среќни и очајни да надоместат за изгубеното време, но нејзе ѝ се туѓи. Другите двајца - тие што ги сака - се уништени и еден од нив е зад решетки.
На судењето, Лавона одрекува било какво недело. Раскажува дека постоела некаква Силвија, што ѝ кажала дека бебето е на некоја млада девојка што не е заинтересирана да го задржи и сакала да го даде на посвојување. Доказ за постоењето на Силвија нема. Исто така, скоро две децении по инцидентот, сведок кој се сеќава дека ја видел жената облечена како медицинска сестра што го носела бебето, ја препознал Лавона.
Судијата заклучува дека доказите се јасни.
„Како да ми се случуваше смрт,” вели Мише. „Како ќе се справам? Како ќе живеам без мајката што сум ја имала секој ден? Подоцна, Мише ја посетува Лавона во затвор и успева да разговара со нејзе. „И реков, тоа што знам дека не сум твоја крв, дека припаѓам на друго место и дека си им ја одземала на тие луѓе можноста да бидат со нивното дете и си ми ја сменила целата судбина ме повредува. Како да ти верувам кога си ме лажела, си ми велела дека сум твое дете? Ќе мораш да ми кажеш, ако сакаш да имаш некаков однос со мене.”
Лавона ѝ рекла, „Еден ден, ќе ти кажам.”
Мише наоѓа сила да ѝ прости. „Животот мора да продолжи. Знае дека ѝ простувам и знае дека сè уште ја сакам.”
На крај, одлучува да живее со небиолошкиот татко, бидејќи така се чувствува најдобро. Сè уште ја посетува мајка ѝ во затвор, иако ретко, затоа што веќе има свои деца.
Го задржува и името што ѝ го дале новите родители, но и покрај психолошката катастрофа, успеала да се помири и со двата идентитети.
„Мислам дека ја мразев Зефани на почетокот. Дојде со таква сила, така непоканета, со толку многу страдање и толку многу болка. Но, Зефани е вистината, а Мише, 17-годишната девојка која бев тогаш - беше лага. Затоа научив да балансирам со двете имиња. Можете да ме викате и Мише и Зефани, во ред е.”
Приказната е раскажана во книгата Зефани: Две мајки. Една ќерка, од Џоан Џоел.