Психологијата зад желбата да си седиш дома

Или познавате таква личност, или сте вие: откажува планови, уморен е, настинат е, „ќе се чуеме другпат“... Психологијата нуди објаснување: за многумина, останувањето дома не е бегство, туку начин на регенерација.

Додека екстровертите полнат батерии преку дружење, бучава и постојана активност, луѓето кои преферираат осаменост или мирни средини функционираат спротивно на тоа. Секоја социјална интеракција, дури и пријатна, им троши енергија, а домот е единственото место каде таа енергија навистина се обновува. Овој принцип во психологијата е познат како теорија на оптимална возбуда - некои луѓе имаат потреба од повеќе стимули за да се чувствуваат добро, други од помалку. И не се работи ни за мрзливост, ни за социјален страв, туку за различно поставен нервен систем.

Понатаму, за многумина, домот нуди чувство на контрола кое надворешниот свет не го гарантира. Надвор сè е непредвидливо: гласни простори, неочекувани промени, разговори без вистинска содржина. Дома, светлината, звукот и ритамот се под твоја контрола. Ова е особено важно за луѓе со анксиозност и висока сензитивност. 

Истражувањата покажуваат и нешто друго: луѓето кои уживаат во осаменост често се покреативни, поинтроспективни и подобри во решавање проблеми. Останувањето дома не значи „неправење ништо“, напротив - често токму таму се раѓаат најдобрите идеи - во тивка соба, со книга, мисла или долг дијалог со самите себе.

Сепак, важно е да се направи разлика. За некои, домот е извор на мир. За други, може да стане засолниште зад кое се крие депресија, траума или социјална анксиозност. Прашањето е едноставно, но клучно: дали останувањето дома ве исполнува или ве штити од нешто што изгледа премногу тешко?

Оние кои искрено го сакаат домашниот живот, не пропуштаат ништо - само живеат поинаку. Радоста ја наоѓаат во малите ритуали - утринското кафе, омиленото место на каучот, светлината при зајдисонце. Психолозите ова го нарекуваат „преферирање ниска стимулација“: луѓе на кои не им е потребен надворешен хаос, бидејќи нивниот внатрешен свет е доволно богат.

13 јануари 2026 - 14:06