„Сексот и градот“ се враќа како серија

Нова сезона, десет епизоди и наслов „И така едноставно…“ (And Just Like That…) се движи кон ХБО Макс, заедно со три жени од оригиналниот состав: Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон и Кристин Дејвис. Ким Катрал - не.

Иако не се знае датумот за премиера, и Паркер и колешките споделија клип како тизер за серијата што ќе почне во јануари, со сцени од Њујорк.

Што друго се знае?

Хинт за отсуството на Саманта

Кејси Блојс, претседател за програма на ХБО вели дека „не се обидуваат да кажат дека ликовите одново ги живеат своите 30-ти.“ Се работи за приказна за жени во своите 50-ти и проблемите со кои се справуваат луѓето на таа возраст. И како осмислено за Саманта, додава дека „како и во животот, луѓето влегуваат во него и излегуваат. Пријателствата избледуваат, а доаѓаат нови.“

Мистер Биг наводно ќе го нема - но сепак, дали е така?

ХБО ништо не кажува, ама Пејџ Сикс веќе објави дека нема да се враќа. На реакциите од фановите кај него, Крис Нот тизна: „Па, ако кажале Пејџ Сикс…“ па на друг коментар одговори „Сѐ се менува, дури и објавите во тие крпи.“

Нејасно е и со Дејвид Ајгенберг (Стив), но неговите претставници велат дека се во преговори за да се појави. Тој кажува дека ја сака серијата а неговата „сопруга на платно“ - Синтија Никсон е „сон за соработка“.

И Ејдан ќе се враќа

Џон Корбет во интервју потврди дека ќе ја репризира улогата на бившиот на Кери и дека е „многу возбуден“. А кога го прашале во колку епизоди ќе го има, одговорил (на големо разочарување на тие што се Team Big) дека ќе го има во „па, во повеќе“.

И ковидиштето ќе глуми

Паркер во интервју за Венити Фер откри дека и пандемијата ќе игра улога во And Just Like That…, чие снимање ќе почне годинава. Дејствието е во Њујорк, а Њујорк беше и тоа како погоден, па сценаристите испитуваат што сѐ може да се искористи.

Додава дека се многу возбудени околу прашањата „Кои се сега тие во овој свет? Се адаптирале ли? Каква улога одиграле? Кои им се недостатоците како жени, пријатели и како си го наоѓаат патот? Дали се движат со светот? Дали се збунети, нервозни луѓе, заради тоаа што се случува во светот?“

Ќе се додаваат жени во боја во екипата

Драматично ќе се проширува социјалниот круг на Кери, Миранда и Шарлот со неколку нови ликови, а три од нив ќе бидат жени во боја. Мајкл Патрик Кинг повторно ги води сценаристите од кои половина не се белци. Вака е, затоа што тимот продуценти сметал дека „не е верно на Њујорк“ да има само белци внатре и треба да се рефлектира каков е Њујорк денес - а скроз бел сигурно не е.

Чекаме јануари.

4 мај 2021 - 13:54