Расправање „на голо“

Во долга врска, какви и да ни се задоволствата, статистиката вели дека најверојатно ќе поминеме 10% од времето во расправии - и секоја расправија ќе се врти околу самата себе. Ќе има посебен предмет, карактеристики, неправди, глупости и наводни вистини на кои партнерот дава отпор.

Апсурдноста на предлогот „да си одиме“ во 7:23, кога убаво се договоривме дека мора да си одиме до 7:10; идиотизмот во тоа да му кажеш на син ти дека може повеќе да гледа телевизија, кога веќе сме му објасниле дека претерал; навредата кога партнерот гласно ќе се насмее на боцкањето што ти го упатува золвата…

Соочени со вакви напади, способни сме да копаме по фактите како добро платени адвокати. Се расфрламе со докази, кажуваме како „врз основа на тоа и тоа“ партнерот едноставно мора да размисли одново и да се предаде на нашата перспектива. Првата рунда може да почне мирно, но итноста и иритабилноста се зголемуваат во втората и третата; секој тим додава по уште малку одмазда и иритантност на изјавите. Понекогаш, кога логиката на аргументот останува изигнорирана од другата страна, ќе се почне со викање, со црвенеење, некој ќе биде наречен говедо, крава, ќе се тресне врата и ќе настапи една тежина што ќе бара два-три дена да се расчисти.

Грешката што ја правиме е претпоставката дека начинот да се среди расправија е да се стигне до една објективна вистина, која ќе може, штом ќе донесе на светло, да ја неутрализира тежината на навредата што ја чувствуваме. Но, постои една несреќна, и донекаде парадоксална страна на расправиите во една врска: не е важно што е вистината. Се сведува на тоа кој има појаки аргументи и ирелевантно е кој ќе победи. Тоа е затоа што има само едно нешто што ни треба од партнерите: ни треба да знаеме дека сме сакани.

Се расправаме така жолчно не затоа што нѐ најмил клиент во судница, туку затоа што чувствуваме емотивна болка, бидејќи врската нѐ приморала - како што често знае - да се покажеме како неверојатно ранливи пред личноста од која сме зависни. Она по кое копнееме под целата таа разбеснета елоквенција е уверување. Викаме „говедо“ наместо прашањето „уште ли ме сакаш и ако да, зошто ме повредуваш на овој начин“.

Штом е ова јасно, наместо неуморно да се држиме до површинските поплаки, би требало да научиме да одиме директно до емотивниот слој на ситуацијата и на дневен ред да ставиме шест можни приговори кон партнерот:

- Мислам дека не ме цениш

- Се чувствувам напуштено

- Чувствувам дека не сум доволно добар/добра

- Мислам дека пробуваш да ме контролираш

- Мислам дека не ме прифаќаш онаков/онаква каков/каква што сум

- Се чувствувам неслушнато и невидливо

Без гајле ако ова не е начинот на кој што комуницирате по дома. Но, овие изјави се основата на секој повод за трескање врата и се буквално разголување на незадоволството што го криеме зад божем секојдневни проблеми. Доволно е да се преведат на сопствен јазик за да се решат.

Целиов список се лепи и на фрижидер, па може и немо да се покаже на некој дел од него. А се сведува на, на пример: Кога упорно доцниш за нешто што веќе сме го договориле, се чувствувам како да не ме есапиш… Кога си ујдисан со мајка ти и татко ти против мене, се чувствувам напуштено… итн.

Најдобрата реакција е не да привлекуваме повеќе напад, туку да се осмелиме да не бидеме толку тешко нападнати. Разликите во размислувањето кај партнерите можат да се однесуваат на што и да е - но расправиите - вжештените мечови што завршуваат со тресната врата и навреди - се секогаш за една работа: анксиозноста да бидеш изразено ранлив пред некој што го обожаваш и не можеш да го контролираш. Може да личи на битка за „кој ќе го носи во градинка“, а всушност се работи за паниката од емотивно напуштање. Со оваа идеја на ум, можеме да си заштедиме време од легалистичко мерење „кој е во право“, и тоа статистички веројатно четири часа неделно што можат да се потрошат на пријатни нешта. Кога луѓето би се разбирале во старт, би имало многу помалку теми за викање, а многу повеќе за согласување.

2 февруари 2021 - 00:00