Изјавата ја имавме овде.
Џеј Зи, заедно со целата негова репутација и мултимилионска империја е исправен пред адвокатот Тони Базби. Во октомври, Базби предупреди дека „многу моќници ќе бидат разоткриени“. Меѓу првите - Џеј Зи, кому не му беше доволно само да одрече. Му требаше калкулирана ПР-стратегија за да може да го контролира наративот и да ја ограничи штетата.
Одговорот беше далеку од само изјава одобрена од адвокат - беше дрзок, нефилтриран контра-удар со цел да се дискредитира тужбата, да се нишани на Базби и да се преврти наративот.
Недвосмислено одрекување: Тонот го одреди со директен и бескомпромисен израз, нарекувајќи ги наводите „апсурдни“ и означувајќи ја тужбата како „обид за уцена“. Ова не беше пасивно одрекување, туку директно отфрлање со покажување самодоверба. Планот е да се одбрани, но и да се нападне и да се врами тужбата како препреден напад на неговата личност.
Напад на адвокатот: Директно го нападна егото на Тони Базби - прво со неговата професија. Во прашање ја доведе и неговата воена служба, со прашања како излезени од A Few Good Men: „Ти тврдиш дека си војник? Војниците се познати по храброст, ти немаш ни чест, ни достоинство.“ На крај го нарече и „костимиран“, во „евтино одело“.
Овде не се работи само за дискредитација, напротив - треба да му се влезе под кожа и никако да не му се дозволи така медиумски поткован да го надмаши. Зборовите на Џеј Зи не се само во негова одбрана, туку и како начин да се придобие јавното мислење и да му се одземе предноста на Базби.
Предизвикување на обвинувачот: Не вели дека лицето што го обвинува лаже, но се обидува да ги пробуши мотивите на Базби. Го прашува дали се согласува дека некој со такви криминали против малолетник треба да оди во затвор, со што ја разгорува драмата. Додава и дека неговата поддршка ја насочува кон вистинските жртви во светот, што би значело дека тој што го тужи не е вистинска жртва.
Се хуманизира себеси: Класична ПР-тактика на „јас сум семеен човек.“ Го спомнува семејството - жена му и трите деца, како би додал уште еден заштитен слој околу себе, само што ова не помина така лесно. Корисниците на социјалните мрежи истиот момент се сетија на скандалите од пред неколку години кога призна дека ја изневерил Бијонсе, за што таа објави цел емотивен албум.
На крај - тој е жртвата: Се обиде да се одвои од типичниот селебрити-стереотип со истакнување на корените. Од Бруклин доаѓал, чесен бил, не играл вакви игри. Ни ова не помина лесно, со оглед на возраста (55) и богатството што го има сега (2,5 милијарди долари).
Дали ќе се исплати? Изјавата секако не е суптилна, и наместо да се држи до внимателен, исполиран наратив, Џеј Зи нападна, извади лична историја и го вметна сопствениот бренд за да го измени наративот. Јасно е само дека е нема ништо да признае и дека е спремен за битка.