#filterdrop е нова кампања што бара транспарентност на Инстаграм - и може да се добие бан ако користиш филтер што значително го менува изгледот, а притоа влијаеш на илјадници и милиони.
Новото правило е инфлуенсерите да мораат да истакнат кога користат филтер за разубавување при промоција на шминка или производи за нега на кожа, а Агенцијата за стандарди во рекламирање во Велика Британија нареди и да не се користат воопшто, ако лажно ги прикажуваат ефектите на производот што е опфатен во рекламата.
До овој заклучок дошле откако испитале два примери на реклами каде што се користеле филтри за продавање на производи за самопотемнување. Значи од сега, сѐ што е произведено во Велика Британија, заедно со британските инфлуенсери и јавни личности ќе мора да внимава на #nofilter начинот на живот, барем кога се работи за рекламирање и ова се однесува и на Инстаграм „стори“, каде што и онака се гледа името на филтерот. За тие што ќе ги прекршат правилата, Агенцијата предупредува дека рекламите ќе им бидат симнати и ќе им забранат повторно да ги објават.
„Фокусот постојано ни е на подигање на свеста за правилата и поддршка на инфлуенсерите со водство и алатки кои им се потребни за да ги направат рекламите како што треба,“ вели портпаролот на Агенцијата за Бибиси. „Работиме заедно и со социјалните мрежи кои можат и ќе ги применат овие одлуки кога некој огласувач нема да сака да соработува.“