Off Café серија:

Пробајте „Валерија“ на Нетфликс

Или, серија што се добива кога ќе споиш реално претставување на „Сексот и градот“-ситуации, малку „Грлс“, (без иритантните моменти од двете) плус умешност за претставување живот на филм својствена за европска кинематографија.

Плус, костимографија, сценографија, боја, Мадрид, четири жени, криза на четврт век, криза на идентитет, синдром на натрапник, откривање на сопствената сексуалност, откривање дека бракот не може да биде совршен вечно, плус прашање - треба да бидеме сами, треба да ни биде одлично кога сме сами, или треба да прифатиме дека сепак, на крајот, сите сакаме некој што ќе нѐ пречека дома и ќе нѐ ислуша на тема колку сакаме да си ја треснеме главата од ѕид?

Валерија е писателка со една награда за расказ, која има понуда да напише роман и да ѝ го објават.

Се разбира дека се мачи.

Се мачи до тој степен што доаѓа до терминот „синдром на натрапник“ на интернет, од кој уметниците често страдаат: дека ти може нешто правиш, ама во секој момент може да се дознае дека всушност немаш поима и конечно сите ќе сфатат дека тебе не ти е местото во тој свет.

Паралелно со нејзините проблеми, се прикажуваат и проблемите на нејзините три другарки, секоја одлично облечена, и секоја со сопствен (не)пристап кон љубов и врска, друштво и работа. Крајно занимливо и заразно за гледање.

Само, внимателно. Ако не знаете (еве, сега знаете) дека е само една сезона, а втората допрва се снима, можете да се најдете како дете изгубено во маркет кога ќе ви заврши последната епизода. Со Ковид, втора сезона не се знае баш кога точно ќе дојде, ама ако ви треба разонода и полни очи боја (и вистинска и животна), „Валерија“ е супер избор.

~Јана

16 јули 2020 - 12:29