Прво беше интервјуто на Опра, па шестчасовната досада на Нетфликс. Токму кога помисливме дека го достигнавме врвот со принцот Хари, дека нема ништо за човекот што не го знаеме, дојдоа нови откритија. Принцот Вилијам наводно го бутнал, му го скинал ланчето и го фрлил во кучешка чинија. После патување на Северниот пол имал смрзнатини на пенисот. Невиноста ја изгубил во поле, зад некој паб со постара жена што го третирала како пастув. Убил 25 луѓе додека бил со војската во Авганистан. Земање дрога, пораки од неговата мртва мајка, галовни имиња за членови на семејството - сето тоа трагично и пресмешно е споделено во неговите мемоари кои наскоро доаѓаат, „Резерва“.
Но, што всушност открива вербалниот пролив на Хари? Гледаме еден маж толку размазен, толку несвесен за сопствената привилегија, што го јадат ситници. Се жали што маќеата ја преправила неговата стара детска соба во куќата Кларенс во соблекувална - а кога имаше 28 имаше цела куќа, лично негова. Гледаме еден маж, толку глуп, што не гледа контрадикторност меѓу изразување надеж за помирување со семејството, додека во исто време кука од нив пред целиот свет. Човек толку несвесен за себе што не гледа лицемерие кога се жали дека новинарите му ја нарушуваат приватноста, а во иста реченица раскажува трачеви за брат му и снаа му. Човек толку самоопседнат, што нема никакво чувство за должност, служба или почит - ни за братски однос, ни за кралско семејство ни за кодот на тишина меѓу војниците.
Зошто некој вака би се изложил пред светот? Вообичаеното објаснување е дека Хари го прави ова за пари - дека за да може да го финансира животот во Монтесито, мора да си ја продаде душата на Нетфликс и Пингвин Букс. Но, многу од интервјуата и долгите снимки од Нетфликс не прикажуваат човек што е заложник и го тераат да се снима против негова волја. Уште едно објаснување е „Меган го тера“ - но, од Спајкд велат со право „Не му треба Меган на Хари за да биде неподнослив.“ Вистината е дека Хари нема потреба да го тераш да раскаже сè.
Да го гледаш Хари како зборува за себе е да си сведок на она што се случува кога ќе ги напуштиме сите граници меѓу јавноста и приватните сфери на нашите животи. Хари изгледа има изгубено секакво чувство на граница меѓу неговиот внатрешен свет на мисли и чувства и надворешниот свет на говорот; меѓу приватноста на семејството и домот и јавноста на работата, одговорноста и општествените норми.
Фамилии цело време се караат. Браќа се степуваат. Знаеме да се лутиме и да се вознемириме. И во жештината на моментот, кажуваме нешта за кои може да зажалиме. Ова главно се случува зад затворени врати, приватно. Приватноста на домот ни дозволува да се однесуваме лошо, но и да си простиме и да продолжиме понатаму. Да ги кажеш деталите од семејните расправии јавно им дава една перманентност што никогаш не требале да ја имаат.
Не треба да ги обвинуваме парите или манипулативните новинари што го натерале Хари да го открие секој интимен детаљ од животот. Поверојатно е дека терапевти и ментори го научиле дека тоа е правилниот начин. Популарната претпоставка денес е дека ако ги држиш работите приватни, може да „да ти се соберат“ и тоа „не е добро“. Комплетната отвореност е најдобра - и нели - единствен начин да си го зачуваш менталното здравје. Хари е опиен со пораката дека „да си ја кажеш својата вистина“ е вистинскиот пат до автентичноста. Живееме во време кога „да си автентиччен на вистинскиот себе“ се смета за врв на достигнувањата. Кога поставување на сопствените емотивни потреби над работата, заедницата, дури и членовите на семејството се смета не за себично, туку за задолжително.
Создавањето страв за мрачната страна на приватноста е популарно меѓу психолозите уште од Зигмунд Фројд наваму. Многу децении таквите верувања се преместени од каучот на психијатар до пошироката култура. Денес, зборовите приватно, тајно и зад затворени врати предизвикуваат сомнеж. Наместо да привикаат слики на дом, семејство, безбеден простор во бездушен свет, приватната сфера стана асоцијација за злоупотреба. Резервираност, уштирканост и стоицизам сега се сметаат за негативни карактеристики што претставуваат недостаток на топлина и отвореност. Компулсивноста да се сподели, да се растурат бариерите меѓу приватното и јавното е втемелена во секој аспект од нашата култура, од школскиот круг, до социјалните мрежи, од советите што се пишуваат по списанија, до сè што ломотат славните личности.
Иронијата, се разбира, е дека нашето чувство за себе не станува посилно кога ќе откриеме повеќе - станува послабо. Нè остава зависни од туѓата валидација на нашите чувства и желби. Изгледа токму ова лежи зад емотивната невоздржаност на Хари. Тој не е човек што има јасна намера, што има контрола и само сака да му се платат големи суми. Тој е патетично, кревко суштество, неспособно да види подалеку од сопствените чувства, неспособен да постои без постојана јавна валидација. Хари ни ја покажува важноста на чувањето на приватноста.
Само да го натераме да заќути.