Правила за одење на гости и забави на Њујорк Тајмс

Њујорк Тајмс објави статија со совети и правила за однесување и дружење на забави со помош на четириест и тројца што тоа често го прават.

На пример, да, знаеме кај живееме, ама сепак - не барајте од луѓето да соблечат кондури кога ќе ви влезат дома - глупо е. Ако се тоа блиски гости на кафе, или луѓе што доаѓаат често, а имате бебиња што лазат по земја - ај добро. Ама правите вечерна седенка или забава за возрасни луѓе? Нема потреба сите да шетаат боси, или ако не можете да го надминете тоа - подобро не организирајте.

Јадете пред да одите. Ако сакате да разговарате со луѓе, не мора цело време да гледате во послужавници и да џвакате. И нема потреба да му пријавувате на домаќинот што не јадете - не е ресторан.

Не си носете вие гости кога одите на гости. Баш ним им паѓа жарче од цигара на каучот во дневна.

Најлесен начин да оставиш лош впечаток е да се жалиш. Може ти се чини дека ти оди муабетот со друг гостин кога се жалиш, ама тоа е евтина врска. Не додаваш ништо на ситуацијата и муабетот ако речеш „Ти се верува ли колку време моравме да возиме до тука?“

Вклучете смисла за хумор и позитивна енергија. Ако имате анегдота за раскажување, сметајте на тоа дека најверојатно треба да се скрати. И дотерајте се. Така на домаќинот му се прави чест.

Кога правите крукче низ собата за да се поздравувате со луѓе, дајте си 30 секунди за секој човек: Кажете здраво, позборувајте и терајте понатаму.

Околу дискусиите, има дебата - едни викаат дека по секоја цена треба да се избегнува политика, религија и порнографија, кои се и слични меѓу себе. Други викаат дека може сè да се дискутира, и дека ова е старо правило. Ама има разлика од политичка дискусија до оправање државата.

Една од најфините работи што можете да ги направите за вашиот домаќин е да откриете кој во просторијата познава најмалку луѓе или е најсрамежлив. Одете и позборувајте со тој човек пет минути. На домаќинот му е веројатно битен и сака добро да си помине, затоа е и викнат.

Преправајте се дека го памтите човекот пред вас ако сфатите дека веќе се имате запознаено. Не покажувајте дека не ви текнува, луѓето мразат кога се заборавени. Преправајте се затоа што така е љубезно. Освен ако не налетате на некој што ве знае, а се прави дека не ве знае.

И на крај, кога ќе ја прифатиш поканата, имаш обврска да донесеш нешто. Може си најубавиот човек на забавата и ќе донесеш гламур. Може ти си тој што го носи скапото вино. Или ти си тој со јаките приказни/паметниот/комичниот. Нешто мора да се донесе.

1 јули 2024 - 11:50