Правда за бившиот

Ако ти раскине и почнеш да лажеш по град дека е сељак со кламидија, спреми си 150.000 долари. Барем во Канада е така.

Една инфлуенсерка мора да му плати трошоци и оштета на поранешниот дечко заради клевета и рушење на репутација.

Штетните постови на Инстаграм почнале во 2016 и продолжиле цела година, со тврдења дека Брендон Рук, инаку бизнис-консултант во Канада, ја изневерувал Ноел Халкроу, бил алкохоличар и имал сексуално преносливи болести.

Почнале да се гледаат во август, 2015, па Рук ѝ раскинал на Халкроу истиот месец. Во февруари 2016-та, повторно почнале да се гледаат и Рук раскинал во јули. Следниот месец, од различни лажни профили, почнуваат да се шират трачевите.

Халкроу, која иако се претставува како инфлуенсер (17.000 следачи) во документите на судот е запишана како невработена, тврдела дека постовите ги пишувале пријатели и други луѓе, а не таа, што е првиот и најлесниот изговор токму на личност што нема да ја мрзи да прави лажни профили, а уште помалку ќе ја мрзи од сите да измислува по нешто.

Доказот дека лаже се крие во обична проверка на ИП адреса, која се совпаѓа и на официјалниот мејл на Халкроу и на сите профили што тврди дека „не е она”. Плус, му праќала пораки дека ќе ги симне, па ќе ги објави пак, па дека ќе смисли и нови.

„Судот препознава дека интернетот може да се користи како ефикасна алатка за уништување репутации, и ова е таков случај,” велат официјални лица.

Освен оштетата, бившата треба да плати уште 30.000 долари посебна штета за Рук да си ги врати парите што ги дал на консултанти за репутација и отстранување на постовите.

Вака треба да функционира и кај нас, ама ние сме многу назад со материјалот, уште сме на марули.

Ќе почекаме.

8 јануари 2020 - 09:40