ТикТок е океан од чудни видеа и уште почудни луѓе што се закачуваат за нив. Повремено, има работи што ни на крај памет не би ни паднале дека ќе станат ентертејнмент, ама па, кој ни е крив што не ни текнало.
Има таму една жена што се снима како си ја организира куќата, како полни фрижидер, обновува потрошени намирници и сето тоа со задоволство го гледаат, замислете, 2,7 милиони следачи. Мајка е на четири деца, што го објаснува поривот и постојаната потреба за средување и купување и организирање залихи (сте живееле со четири деца?), а паралелно прави лом од посети и прегледи.
Понекогаш се очекувано задоволувачки работи како редење на исти производи во специјални садови наменети за нив, ама понекогаш е само одново полнење на кутија со брашно. Избрала совршено место (ТикТок) и совршено време (денес), со оглед на тоа што луѓето се опседнати со хакови за организирање и подобрување на домот, иако ретко самите се фаќаат за истата работа.