Помагањето на планетата е полесно отколку што мислиме

Во ред, не можете да се откажете од одење на работа со кола и реално, немаме функционален систем за рециклирање како во поразвиени држави. Ама некои работи може од дома.

На пример, ако одеднаш се најдете заинтересирани за саксии и цвеќиња, покрај Адами, Дрва на животот и слично, размислете за садење босилек, рузмарин и слични работи што се многу повкусни свежи за готвење отколку купени во пластика од супермаркет.

Или, сфатете дека туширање е досадна работа и не гувејте под вода додека не го потрошите цел бојлер. Пробајте да завршите во рок од 2 песни на плејлиста.

Додека миете заби, затворајте ја чешмата.

Може ви се чини поедноставно да наполните пластични ќеси од супермаркет, ама носење платнена торба од дома не е бапски, туку практично. Многу полесно се носат производите така, отколку во 12 кеси што сечат прсти.

Купувајте овошје и зеленчук на пазар.

Наместо купечки скраб за тело, можете да користите талог од кафе. Кожата ќе биде пресреќна.

Не мора сѐ да се принта.

Сите сметки нека ви стигаат на мејл.

Не фрлајте отпушоци на земја.

Истражете и видете дали ќе ви се допадне цврста варијанта на купка за тело и шампон.

Проверете дали ќе ви се чини забавно сами да си правите козметика по дома.

Ако сте уште позалетани, тука има и напредни варијанти.

30 септември 2020 - 08:55