Подемот (и трескањето од земја) на „pick-me“ девојките

Разгледајте малку по ТикТок и ќе ја начекате. Ве уверува дека „само со машки се дружи“, се фали дека не поднесува „женскасти работи“ и дека шминката е „за некои други девојки“. Сте нашле pick-me девојка.

Во нивната суштина, овој тип на жени се толку гладни за машко одобрување што се ребрендираат себеси во карикатура: божем јаки се без напор, не се захтевни, нејасно се супериорни во однос на другите присутни жени. Перформансот го создава и името „pick me!“, или „избери ме мене, затоа што не сум јас како оние“.

Зошто постои?
Главно се должи на интернализирана мизогинија, ама не е само тоа. Западната култура сè уште ги наградува жените што се фокусирани на мажите да им биде удобно, а ги казнува тие што се фокусираат на себе. Оваа стратегија е како ризик: Влези во машко друштво и може машките нема да се свртат против тебе. Социјалните мрежи само долеваат масло на огнот од несигурност, а алгоритамот ја наградува секоја непријатна шега на сопствена сметка.

Колатерална штета
Кога пикми-девојката е „на аудиција“, секоја друга жена станува колатерална штета. Таа се шегува дека „другите жени се премногу драматични“, притоа истакнувајќи ги стереотипите што општеството ги има за жените. Имаме хоризонтално непријателство тука - маваш во страна, затоа што мавање нагоре ти изгледа невозможно.

Може ли да се батали оваа етикета некако?
Еве ја кваката: Да се користи pick-me како навредлив термин станува уште еден начин да се вреѓаат жени. На интернет, брзински негативец е секогаш добредојден, никој не сака нијанси. Пред да тргнете да вреѓате некого со овој термин, запрашајте се убаво дали таа личност намерно гази по лешеви, или се обидува да се снајде во еден патријархален свет како знае и умее? Јавното брукање ретко води до просветлување.

Има и подобар начин за сето ова да се реши: Противењето на мизогинијата не мора да бара преправање. Вистинското ослободување доаѓа кога ќе кажеш - мене ова ми одговара и точка. Вака се слават и девојките што уживаат во шминка со светки и девојките што само спорт ги интересира, а и сите во и надвор од овој круг. Нема потреба од хиерархии.

Следниот пат кога ќе сведочите на пикми перформанс - не реагирајте веднаш. Размислете кој добива најмногу кога жените се натпреваруваат за трошки.

И секогаш бирајте солидарност.

20 мај 2025 - 09:42