Трамп конечно прошета во странство откако стана претседател и баш и не може да се пофали дека остави некои фини импресии. Очекувано. Од друга страна, Меланија е таа што се врати со нова репутација – и најверојатно подобар статус во модниот свет.
Фалењето генерално се однесуваше на изборот на гардероба, а СиЕнЕн извести дека имала спакувано торба за секој дел од патувањето, плус уредно се консултирала со Стејт Департментот за протокол. Резултатот – скроз исплатлив.
Шетањето на Меланија, медиумите го нарекоа моден тур де форс и пишуваат дека сè повеќе и повеќе дизајнери и испраќаат нови парчиња. А ако се сеќавате, на Трамп никој нејќеше да му пее на инаугурацијата.
Стилистот Филип Блок вика вака:
„Има едно топење, едно омекнување. Луѓето од модната индустрија се кршливи и лажни. Полека сфаќаат дека се работи за убава жена, мажена за претседателот и дека е чест да ја облекуваат.“
Се разбира, невозможно беше да се воодушеват сите. На пример, фрштеа критики дека носела Dolce & Gabbana сако што чини 51.000 долари во Сицилија, нарекувајќи ја лицемер – нејзиниот сопруг планира да ги скрати здравствените бенефиции за неговиот народ.
Но сепак, Вашингтон Пост го одбрани овој избор, забележувајќи дека и Мишел Обама ја караа што носеше скапи патики еднаш кога посети народна кујна.
„Облеката не е сурова. Тоа останува на луѓето што ја носат.“