Пиење над 3 литри вода веројатно нема да помогне за слабеење

Ако се обидувате да јадете помалку и да изгубите тежина, пиење претерано многу вода може да не е најдоброто решение.

Често се слуша тврдењето дека ако сакаш да слабееш, едно од решенијата е да пиеш многу вода (некаде предлагаат дури 4,5 литри). Објаснувањето е дека водата помага да се согоруваат калории и да се намали апетитот, што на крај нè носи до слабеење.

Колку и да сакаме да е така, има многу малку докази што ги поддржуваат овие тврдења.

Првиот мит е дека водата помага да се согоруваат калории. Мала студија на 14 луѓе открива дека 500мл вода го зголемила бројот на калории што телото ги троши пред вежбање за 24%. И без разлика што ова звучи супер, ефектот трае само еден час и не прави голема разлика. Просечен возрасен човек од 70 кг трошел само 20 калории плус - четвртина бисквит - за секои 500мл вода што ги внесувал.

Друга студија на осум луѓе донела до резултат од 4%, веројатно поради енергијата што телото ја троши да ја доведе водата до телесна температура, или да ја филтрира и ова повторно било само за 1 час.

Значи, технички, точно е, но бројот на калории е мал. Дури и да пиеме 1,5 литар вода дневно, ќе заштедиме на помалку калории отколку што има во едно парче леб.

И на крај, истражувањата се направени на млади луѓе и не е познато какви ефекти има кај други возрасни групи.

Вториот мит е дека пиење вода со оброк го намалува апетитот. Звучи разумно, кога ќе размислиш дека желудникот е пополн и не дозволува внес на премногу храна, па ќе јадеш помалку. Има и истражувања што го поддржуваат ова тврдење, особено тие со средовечни и постари возрасни, но истовремено е и причина зошто луѓето на кои не им е добро, или немаат апетит, да се советуваат да не пијат пред да јадат за да не предизвикаат неухранетост.

Сепак, за луѓе што сакаат да слабеат повторно нема доволно докази. Според едно истражување, средовечни луѓе што пиеле вода пред оброк изгубиле 2 килограми во тек на 12 недели, наспроти ич кај тие што не пиеле. Младите испитаници (21 до 35) не виделе никакви промени. Но, истражувањето не користело „заслепување“ - кога информации што можат да им влијаат на испитаниците не се споделуваат со нив пред да заврши експериментот - значи дека испитаниците може да биле свесни зошто пијат вода, што може да довело некои од нив да го променат и однесувањето кон исхраната во надеж дека ќе ги си зголемат шансите да изгубат тежина. Не е ни објаснето зошто кај помлади немало промена.

Не е доволно само да се внимава на водата. Има многу добра причина зошто само водата не е многу ефикасна во регулирање на апетитот - да беше така, праисториските луѓе ќе умреа од глад. Но, иако апетитот и ситоста не се многу поврзани со способноста да се намали тежината - водата сепак може да помогне. Кога ќе влезе храна во желудникот, ги предизвикува рецепторите за проширување и се ослободуваат хормони кои ни кажуваат дека сме најадени. Но, бидејќи водата е течност, брзо се празни од желудникот, што значи не нè исполнува. Уште поинтересно е што поради формата на желудникот, течностите можат да ја одминат полу-цврстата храна што во моментот се вари и лесно да го напуштат, што значи дури и пиење вода на крајот на оброкот не го продолжува чувството на ситост.

Што значи - пиењето вода не е вистинското решение за слабеење, но барем постојат докази дека ако е измешана со влакна, во супи или сосови од зеленчук, се одложува испразнувањето на желудникот, па сепак, може подолго да се чувствуваме сити.

На крај, водата може да помогне поради фактот што е сè уште најздравиот пијалак што ни е на располагање - ако ги замениме висококалоричните пијалаци како сокови и алкохол со вода, го намалуваме бројот на внесени калории и токму тоа може да помогне со слабеење.

2 октомври 2023 - 09:46