Парасоцијален поглед: Кога туѓиот живот ни изгледа како да го познаваме

Со луѓето што секој ден ги гледаме на социјални мрежи имаме бизарен однос: знаеме што јадат, каде патуваат, како им изгледа домот, со кого се во врска, што купуваат, дури и кога плачат, кога се нервираат, кога се радуваат... И нормално е после некое време да добиеш чувство дека го знаеш човекот. Но, да се освестиме: Ние може ги гледаме ама тие сепак - не нè познаваат.

Тука се појавува концептот на парасоцијалниот поглед - начинот на кој публиката ги набљудува луѓето што ги следи и постепено стекнува чувство на блискост со нив, иако вистинска меѓусебна врска не постои.

Терминот е особено релевантен во ерата на инфлуенсерите. За разлика од класичните медиуми, каде што познатите личности најчесто се појавуваат во интервјуа, емисии или реклами, социјалните мрежи создаваат впечаток на директен пристап. Инфлуенсерот ни покажува утринско кафе, нè пушта во дневната соба, зборува за расправија со партнерот или ни покажува што купил во продавница. Содржината е секојдневна и токму затоа и делува интимно споделена. Сепак, дури и кога изгледа спонтано, некој одлучил што ќе биде снимено, што ќе биде објавено и што ќе остане надвор од кадарот.

Опасно станува кога ќе почнеме да се споредуваме. Ако секој ден гледаме некој што живее во прекрасен стан, носи скапа гардероба, патува и изгледа совршено, нам престанува да ни биде само фотографија и тој човек почнува да ни служи како единица мерка за успех.

Нели, а јас?, А зошто мене вака не? и поразителното - може вака треба да изгледа животот на моја возраст. По него доаѓа што правам погрешно? и тука си автоматски утепан. А притоа, може и да не сме свесни од каде точно доаѓаат прашањата.

Во тоа е и разликата меѓу инфлуенсерската содржина и класичната реклама. Рекламата отворено ни кажува дека нешто сака да ни продаде. Инфлуенсерот, пак, може да изгледа како пријател кој едноставно ни раскажува што користи, каде патувал или што си купил, а притоа да го предвидува нашиот поглед. Значи не го прикажува животот каков што е, туку каков што знае дека сакаме да го гледаме и така се создава циклус во кој публиката гледа, инфлуенсерот го прилагодува она што го покажува, а чувството на блискост станува сè посилно.

Парасоцијалниот поглед затоа не значи дека сме наивни или дека веруваме во сè што гледаме, туку значи дека со доволно повторување, туѓиот живот почнува да ни изгледа познат, а познатото лесно го мешаме со реалното.

Од истата категорија се и парасоцијалните врски, а и кога децата ги сметаат Јутјуб-ѕвездите за реални другари.

12 август 2026 - 21:27