Ова е веќе намерно

Не, најсериозно, после толку скандали со маркетинг кампањи каде што се навреди секоја чета на борци за социјлна правда, секоја наредна грешка или е намерна или стварно мора да се помириме дека вработените им се многу глупи. Во случајов на Авон.

Теорија: Сите знаеме колку ризична тема е изгледот на женското тело. Значи за да смислиш кампања што никој нема да ја мрази, ти требаат месеци и месеци внимателно размислување, дискусии и милион предлози. После да им дадеш вежба на копирајтерите да се стават во улога на борци за социјална правда и по секоја цена да се обидат да ѝ најдат мана на рекламата/кампањата. Ако има и најмала можност за вирална заебанција - да го повлечеш последниот прифатен предлог. И од почеток.

Не може големите корпорации да немаат вакви ресурси. Што значи, еве ја теоријата (не е ни невидена): намерно грешат. За да се раздвижат социјалните мрежи со нив во уста (тастатура), па после да се извинат и да покажат дека ги слушаат и автоматски да бидат декларирани како прогрес.

Друго објаснување?

Сериозно ли да се помириме со фактот дека еден Авон не размислува за сите можни исходи од една кампања?

Затоа што, Џамила Џамил од „Доброто место” ги искара Авон за последната кампања каде што имаа слоган „Дупчињата се убави на образите, не на бутовите,” и за уште еден, најмрзливо смислен со „Секое тело е убаво”, па веднаш до него, нај-без осет: „Имаме производи што намалуваат целулит, ја затегнуваат кожата и омекнуваат стрии.”

Циркус.

Џамил во нејзиниот твит вели:

„А сепак, сите имаат дупчиња на бутовите, јас имам, вие имате и КЛОВНОВИТЕ од Авон сигурно имаат. Доста ги брукате жените за возраст, гравитација и целулит. Тоа се неизбежни, сосема нормални работи. Со тоа што нè терате да се плашиме од нив, буквално нè местите за неуспех.”

Се разбира, како што обично бива, Авон се извини:

„Здраво Џамила, сосема ни е јасно што сакаш да кажеш. Сфаќаме дека ја утнавме работата со овие пораки. Ги отстранивме пораките од сите идни маркетинг материјали. До крај ја подржуваме нашата заедница во љубовта кон телото и самодовербата во сопствената кожа.”

Коментарот на Џамил е „Прогрес.”

Ваистина.

До следното „оплескување” за бесплатен маркетинг.

12 февруари 2019 - 00:00