#OutThem на Кристина Кузмич, како начин за справување со сељачишта на интернет

Кристина Кузмич, вирална видео-сензација, автор и ТВ-ѕвезда одобрена од Опра, има милијарди прегледи, книга и одлична идеја: Кога ќе ти се натне цреп на било која твоја интернет платформа - покажи го.

Ако си жена, нема шанси да не ти е познато: мирно си седиш на Фејсбук, Инстаграм, Редит, Твитер, што и да е... И ете го, во инбокс, или недајбоже коментар - уверен во длабочината на својот пристап, решен дека ваква интелектуално-предизвикувачка порака е погубна за секаков женски мозок и личноста од другата страна нема да има избор, освен со трчање да му пријде, да се фрли под него и да рашири нозе:

kako bi ti go nacukal

Ваквите височини во машко-женската комуникација се случуваат често, а се и предмет на истражување на еден антрополошки настроен профил на Инстаграм - толку се чести, што стануваат веќе занемарливи. Ретко ќе начекате потресена жена по ова прашање - паметните главно во истата секунда блокираат затоа што - што фајде од тоа ако му кажеш „Како не ти е срам?“ Да имало простор за муабет, немало ни да дојде до тоа.

Сепак! Тоа блокирање не ги спречува да тераат понатаму, а кога се работи за јавна личност, не ги мрзи секаде да ѝ се обраќаат со сродни поетски дијаманти.

Е сега, Кристина Кузмич успева да начека по некој таков коментар, и таквите ги користи за вовед во нејзиното видео. Но, бидејќи често се случува да има илјадници коментари, не стига сите да ги брише и блокира, сѐ додека еден храбро ќе ѝ пише на профил - „Ајде да се најдеме и да имаме секс.“

И тоа ќе поминело незабележано, да не биле фановите што ѝ предочиле дека типот го има насекаде со истата и слични други пораки, па Кузмич решава дека ѝ е доста - го објавува со име и слика на Инстаграм.

Под хаштагот #OutThem или, објавете ги/кажете ги, се обидува да започне движење за свет каде што жените веќе нема да мораат во тишина да трпат вакви работи, без разлика што често знаат да бидат безопасни. Како инаку би сфатило ова назадно општество дека ваквите обраќања, едноставно - НЕ СЕ ОПЦИЈА? Дека не постои универзум во кој ваквото однесување е прифатливо? Дека нема што да бидат оправдувани дека ете, „не знаат како“, или „се срамат, па мораат така“? 

Патем, не се работи овде за оние „zdr kako si“ со кои едноставно, ако ти е драг раатот, воопшто нема ни да се впушташ во муабет - #OutThem е за сите оние од погоре што спијат на тоа уво дека можат да се обратат најгадно што можат, да си го направат ќеифот, а од другата страна во најдобар случај ќе добијат блок и никој никогаш нема да ги дознае какви сељачишта се.

Се осветлува уште еден непријатен проблем: неколку коментари под објавениот цреп изразуваат една згранатост што Кузмич одлучила да го решава ова на „таков груб начин“.

Проблемот?

Овие згрозени коментари, загрижени за судбината на објавениот перверзњак ги пишуваат - жени.

На слична, а посериозна тема, Ведрана Рудан вели: „Имиња девојки, имиња!

26 јануари 2021 - 13:07