„Островот на Др. Моро“ бил катастрофа и зад камери

Кој го гледал, знае дека и пред камери е катастрофа.

Пред почетокот на снимањето, Њу Лајн Синема сакале да го отпуштат режисерот Ричард Стенли затоа што сметале дека не е способен да режира филм со толкав буџет. Еден од начините на кој ги убедил е што успеал да го наговори Марлон Брандо да учествува, со тоа што на состанокот со Брандо донел и вештер да изведе посебен крвен ритуал кој би ги споил нив двајца на проектот.

Најозбилно.

И му успеало.

Со Брандо на негова страна, 40 милиони буџет, Стен Винстон на костими (ги работел Терминатор и Предатор), сјајна локација и Брус Вилис во другата главна улога, сѐ изгледало совршено.

Сепак, два месеци пред почетокот на снимањето, Вилис се откажува, а Њу Лајн го ангажира Вал Килмер. Знаејќи дека им е потребен, Килмер си договара негови услови, како на пример да си го скрати потребното присуство на снимање за 60%.

И тогаш почнува хаос.

Брандо имал огромна семејна трагедија и не се знаело кога и дали воопшто ќе се врати да снима, а сетот бил спремен, костимите исто, сѐ во погон, па Килмер и ова го искористил. Овој пат да си ја замени улогата, поточно да добие многу помалку захтевна, во улога на асистентот на Др. Моро, а неговата првобитна улога отишла кај Роб Мороу, телевизиски глумец.

Тука не завршуваат маките на првиот режисер, Стенли - неговиот асистент го каснал отровен пајак, вештерот од Лондон завршил во болница, а куќата на мајка му три пати ја удрил гром. Со Брандо бил непобедлив, ама без него било тешко, па станал параноичен. Капак на сѐ, сетот го погодил ураган, а ни со Вал Килмер не се согласувале - во еден момент, како една дива, Килмер побарал да му се направи куќа на дрво, Стенли одбил и на крај му дале отказ. Како реакција, ги уништил сите белешки и цртежи, а Њу Лајн со придружба го испратиле на авион, да бидат сигурни дека ќе си отиде.

Кога слетал авионот, слетал без Стенли.

Сега режисер на филмот е Џон Франкенхајмер, а Роб Мороу е отпуштен и на негово место доаѓа Дејвид Тулис.

Килмер му бил љубоморен на Брандо. Толку бил неподнослив, што новиот режисер рекол,

„Да правам филм што се вика Животот на Вал Килмер, пак не би сакал тој гомнар да се појави.“

Почнува снимањето и доаѓаат нови проблеми и хаос, па така го забораваат и Стенли. Од аеродром, тој има побегнато на плантажа за овошје, каде што се храни со џем, маниока и кокос и не знае како понатаму. Потоа кова план да се врати на сетот, иако тоа би значело дек аќе ги изгуби парите што му следуваат.

Облечен во костим на куче, се вратил на снимање таман на време додека се снимал насилниот бунт на животинските хибриди. Денот го поминал уништувајќи го сетот за чија изградба сонувал со години.

И самиот кажува дека неговата трансформација од творец во ѕвер била потполна.

Не сте го гледале филмот?

Па, спремете се. Не знаеме точно за што попрво, ама спремете се.

извор

30 април 2025 - 08:49