Од кај толку слободно време?

Ајде да речеме дека е 2019-та и дека треба да се помириме дека нема што да имаме мислење за луѓе, поточно жени што решиле да не се депилираат. Никогаш. Ама, сега сакаат да ни забранат и да имаме мислење околу тоа што некои од нив, не само што пуштаат влакна - туку ги фарбаат во виножито.

Ви текнува на „Januhairy”? Го спомнавме во текст пригодно насловен со „Ама зошто?” и тогаш си дозволивме да имаме мислење на темата.

Може ли сега пак да поразговараме, овој пат на тема зошто се слави способноста на човечкото тело да произведува влакна со тоа што тие влакна уредно ќе се фарбаат во разни бои и ќе се објавуваат слики од тоа на Инстаграм?

Сте фарбале ли прво вие коса во такви бои? Прашајте го првиот фризер што ќе го начекате, за да ја постигнеш таа силна боја, па уште да бидат неколку една до друга, така уредно, како со линија одвоени - треба доста работа. Треба доста седење со рацете во вис.

Сфаќаме ли сега колку малку проблеми и колку слободно време имаат овие луѓе?

И побогу, како ова им помага на девојчиња како Нусрат Јахан Рафи, еве, да фрлиме и една мрачна сенка на оваа, навидум наивна работа?

Трендов го почнува јутјуберка, Official Rainbow Girl. Во 2016-та објавила туторијал како да си ги офарбаш влакната под мишка (!!) во виножито бои и тоа го виделе околу 616.000 луѓе.

Овој тренд се воскреснува во 2019-та и сега, според Мари Клер, „луѓе од секаде го прават светот малку поведар со нивните еднорог-мишки.”

Има и хаштаг.

Додаваат и дека на светот сигурно би му користело малку боја затоа што станува премрачен.

Ние ќе додадеме дека сигурно има и други начини да се бои светот, што не се некако, во недостаток на подобар израз - толку глупи.

2 мај 2019 - 13:14