Новиот друштвен капитал: Се враќа екстремното слабеење

Последните трендови се врткаат околу старовремските диети и станува опасно.

Се враќаме на екстремно слабо, ама ако сме искрени, слабото никогаш не се ни изгуби од јавната сфера. Имавме само еден краток период кога интернетот „беше фин“ и се трудевме околу боди-позитивити, ама во моментов, да се биде слаб е состојба што се враќа на голема врата, од ТикТок, до црвени теписи, до модни недели во Париз.

Во остро излагање за Ајриш Тајмс, Рејчел О‘Двајер си ги кажува работите како што се - се враќа естетски стандард што се маскира како мода, но оперира на „друштвен капитал“. Да се биде слаб - екстремно слаб - не значи само да следиш тренд, туку да покажеш дисциплина, статус и привилегија. Во свет каде што да се биде слаб е валута, само богатите можат да си дозволат да бидат вака „коскести“ без напор.

Не е ни случајно што враќањево доаѓа заедно со сѐ поочигледната економска нееднаквост. Во последно време, славните и инфлуенсерите одново си ги рекламираат фигурите што до скоро беа само „како од ‘90-те“. Сепак, за разлика од порано, новава верзија како да е потешка за постигнување и поексклузивна - Не е само до диети - до пристап е: Оземпик, скапи третмани, внимателно бирани здравствени митови маскирани како „велнес“.

И oвој пат, слабото се крие зад изрази како „оптимизација“. Не е краш-диета, туку е балансирање на хормоните. Не е нарушување во исхраната, туку биохакирање. Рамката се менува, но притисокот останува ист. Во меѓувреме, бомбардирани сме со измешани пораки - да се сакаме себеси онакви какви што сме, ама да гледаме и рилови од инфлуенсери што трошат илјадници евра да станат слаби како што сака алгоритмот. Ни кажуваат дека „се работи за здравје“, а сепак, тоа „здравје“ многу личи дека главно се однесува на „влегување во икс-ес величина“.

Некои сметаат дека се работи за културна регресија облечена во брендирани алишта и дека е особено опасно затоа што се маскира со моќ. Способноста да се биде и да се остане слаб во свет каде што се нуди евтина брза храна е привилегија - и се продава преку инекции, претплати и срам.

12 јуни 2025 - 11:53