Нов хорор на Стивен Кинг што ќе ви звучи некако познато

Приказната е за смртоносен вирус што го уништува светот.

Годинава е гадна. Уште на почеток кога мислевме дека „ова мора да има крај“ се советувавме да плетеме и да се опкружиме со книги и филмови, ама нешто на вирусов му се засвиѓавме. Сепак, оставени сме на буквално истите услови како на почеток - минус ентузијазмот, па можеме да споделиме уште по некој начин на занимација.

Пуштен е трејлер на мини-серија, The Stand, апокалиптична приказна за вирус што убива и со тоа го доведува светот до пропаст. Финко.

Базирана е на огромен роман на Стивен Кинг, прв пат објавен во 1978 и вирусот за кој се работи се користи како оружје, многу е заразен, личи на грип, но е многу посмртоносен - ја збришува речиси целата човечка раса. Преживеаните луѓе се делат на различни групи во новото пост-апокалиптично општество, но, бидејќи е ова Стивен Кинг, има извитоперени умови, насилство и хорор. И најверојатно глуп крај.

Инаку, приказната е прв пат адаптирана за телевизија поодамна - прв пат беше серија во 1994, но сега добива апдејт како за 2020, а продуцент е синот на авторот - Овен Кинг. Првиот трејлер ги покажува Амбер Херд (ти не си во затвор?!), Одеса Јанг, Вупи Голдберг и Александар Скарсгард, последниов, се разбира како негативец.

12 октомври 2020 - 22:51