Нормални желби за Нова година

Освен што ќе можете да напишете нешто ново во честитка за драгите луѓе, поважното е што сето ова можете да си го посакате за себе.

Да ослабам 20 кила. Да станам милионер. Да ги посетам сите земји на светот.

Сè е ова и убаво и инспиративно, и како да ви кажеме - дај боже, ама има фини работи што може човек да си ги посака без притисокот што неминовно доаѓа со не знаење од каде да се почне.

Пробајте, на пример, да си посакате:

Подобар сон
Добриот ноќен сон е многу потценета работа. Да си посакаш редовен сон и будење свеж, значи дека си посакуваш подобро расположение, поздраво тело и ум, и попозитивен пристап кон животот. А може да е и лесен патот до таму - може само ви треба попаметна рутина, или подобра перница.

Повеќе време со драгите луѓе
Во свет што постојано нè влече во разни правци, поминувањето квалитетно време со пријатели и семејство може дури да ни се чини и како луксуз. Нека биде и телефонски повик, ама нека го има, а ако може да бидат и средби, и вечери и излегувања, уште поубаво.

Тишина
Мирот и тишината не се само за интроверти. Желба за моменти на мир, без разлика дали се работи за кафе во тишина, или шетање сам во парк, може да ја реставрира душата како ретко што друго.

Ново хоби или вештина
Посакајте си да научите нешто ново - и не мора тоа да биде станување виртуоз на пијано, или кодирање. Нека биде, еве, учење нов рецепт, сликање или правење торти. Да се истражи хоби што ви ја полни душата е желба што не треба да се занемари ни за себе, ни за други.

Подобро здравје - без притисок
Наместо да се колнете дека ќе се трансформирате во фитнес гуру, посакајте си мали подобрувања - пиење повеќе вода, повеќе кратки прошетки, или почесто внесување зеленчук. Супер ќе ви биде.

Моменти на благодарност
Може звучи чудно, но посакувањето повеќе благодарност има голема моќ да го промени начинот на размислување. Не се работи за токсична позитивност, туку за ценење на ситните работи - нечија љубезност, убав сончев ден, или одличен оброк.

Финансиска стабилност
Наместо да целите кон екстремно богатство, посакување финансиска стабилност - како фонд за итни случаи, исплатени долгови, или држење до буџет е приземна и достижна цел.

Добра книга во која можеш да се изгубиш
Понекогаш, доволно е да се избега во добра приказна. Посакајте си година полна книги што ќе ве радуваат, или расплакуваат, или тераат на размислување, што и да ви е по вкус. Нема зијан.

Повеќе смеење
За ова не треба ни буџет, ни планирање. Посакајте си повеќе смеење од срце, интерни шеги, или смешни моменти со друштво. Одма е попријатна годината.

Простување - и за себе и за други
Држењето лутина и чувството на вина тежат. Но, можете да си посакате едноставно пуштање, ослободување на работите. Попуштање за некои, па и за себе може да донесе посреќна и полесна година.

Авантура
Не мора да биде екстравагантен одмор. Авантурите лежат и во истражување нов кафич, возење до друг град во близина, или пробување на активност што претходно не сте ја пробале.

Љубезност кон себе
На крај, да си посакате способност да бидете понежни со себе е можеби најуниверзалната и најважната желба од сите. Животот е хаотичен, а совршенството е преценето. Влезете и движете се низ годината со малку повеќе љубов кон себе.

И додека гледате напред, нека ви текне: Во ред е желбите да бидат едноставни. Понекогаш, „нормалните“ нешта се тие што прават најголема разлика во однос на среќата и благосостојбата.

Наздравете за една нова година полна достижни цели и значајни моменти.

31 декември 2024 - 00:00