На 25-то издание на Филмскиот фестивал во Њупорт Бич, Николас Кејџ им се обрати на актерите во подем и им порача да не се предаваат под притисокот на работодавачите што бираат да користат вештачка интелигенција за да им ја изменат или на друг начин да им ја манипулираат изведбата.
„Филмската изведба за мене е органски процес, почнат од нула, како рачна изработка,“ рече Кејџ. „Од срце е, од имагинација, од мисли и детали и од размислување и собирање и подготовка.
Има една нова технологија сега. Технологија со која не морав 42 години да се борам, сè до неодамна. Но, овие 10 млади актери, оваа генерација ќе се бори и го викаат тоа EBDR. Оваа технологија сака да ви го земе инструментот. Ние сме инструменти како филмски актери. Не се криеме зад гитари и тапани.“
EBDR значи Employment-based digital replica, или дигитална реплика врз основа на вработување и се работи за една од двете дигитални реплики што ги дозволува САФ-АФТРА, откако се постигна договор после штрајкот. Овој тип на генеративна вештачка интелигенција се креира преку физичко учество на изведувачот за одреден проект, под услови на вработување. Правилата диктираат дека со овој метод не се штеди, односно, без разлика што актерите ќе работат помалку денови благодарение на дигиталната реплика, сепак ќе бидат платени за сите денови. Условите се разликуваат за изведувачи кои заработуваат повеќе од 80.000 долари за филм и се смета дека имаат предност во преговарањето на своите услови.
„Студијата го сакаат ова за да можат да ви го изменат лицето откако ќе го снимат. Можат да ви го сменат лицето, гласот, како ги кажувате репликите, говорот на телото, можат да ви ја сменат изведбата,“ предупреди Кејџ.
Како пример го наведе неговото камео-појавување во The Flash.
„Барам од вас, ако ви пријде студио да потпишете договор да им дозволите да користат EBDR од вашата изведба, да размислите за нешто што го викам MVMFMBMI - my voice, my face, my body, my imagination. Заштитете си го инструментот.“
Ова не е прв пат Николас Кејџ да се противи на ВИ и да зборува за стравот дека ќе им наштети на работниците во Холивуд. На Њујоркер им кажа дека има уплав:
„Ме тера да се запрашам, каде ќе заврши вистината на уметникот? Ќе се замени ли? Ќе се трансформира? Каде ќе стои срцебиењето? Мислам, што ќе правите со моето тело и лице кога ќе умрам? Не сакам ништо да правите!“